Зошто платата на министерот Тодоров мора да биде повисока од платата на лекар-специјалист?

by Fokus

Интервјуто е објавено на 5 октомври 2012 во неделникот „Фокус“.

Независниот синдикат на скопските клиники веќе подолг период се бори за правата на лекарите. Доктор Дејан Ставриќ е првиот синдикалец, кој застана на кормилото и кој продолжува да ја води лекарската битка за суспендирање на проектот плаќање по успешност. Тој е очен хирург и повеќе од 20 години работи на скопската Клиника за очни болести. Во меѓувреме, веќе подолг период врши обуки на лекарите за познатата фако-метода во штипската, битолската и во тетовската клиничка болница.Како прв човек на синдикатот на скопските клиники, Ставриќ останува на ставот дека доколку не дојде до некаков договор со министерот за здравство, лекарите кои се во предупредувачки штрајк, ќе стапат и во генерален штрајк!

ФОКУС Веќе подолг период врие во јавниот здравствен сектор. Лекарите се на крајот на нервите, па решија да се кренат на нозе и да го искажат своето незадоволство од преродбеничките „здравствени реформи”. Која е главната причина, белите мантили конечно да го кренат својот глас?
СТАВРИЌ Моменталната состојба во јавното здравство е значително влошена, и тоа на повеќе нивоа во секоја смисла. Јавниот здравствен сектор веќе подолг период, намерно или ненамерно, се носи во една инфериорна положба, генерално како јавно здравство, а и компаративно со приватното здравство. Тука не треба да заборавиме дека, сепак, за состојбите во јавното здравство, најмногу одговорни се, пред сѐ, менаџерите и нивниот претпоставен – министерот Никола Тодоров, кој е главен работодавец во таа јавна служба. Тие се однесуваат кон лекарите според еден модел, кадија те суди, кадија те тужи. Во исто време, покрај слабиот менаџмент, постојано медиумски се инсистира на префрлање на вината на лекарите, преку фабрикувани афери, преку пласирање, и тоа дебело платено со реклами, на еден негативен однос кон лекарите, што генерално јавноста, за жал, веќе го има прифатено. Затоа е и третото барање до Министерството за здравство, да се подобри односот на здравствените власти, пред сѐ, на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување кон лекарите, за барем малку да се врати оној нормален однос, кој оваа професија го заслужува.

НАГРАДА ЗА ПАРТИСКИТЕ, КАЗНА ЗА НЕПАРТИСКИТЕ ВОЈНИЦИ

ФОКУС Помина една година откако на министерското столче во здравствениот сектор седна министерот Никола Тодоров. Што се случува во јавното здравство, откако Тодоров го презеде кормилото на „владеење”?
СТАВРИЌ Што се случува? Се случува директно да се тргне во примена на еден модел, плаќање по успешност, кој ја предизвика оваа реакција од лекарската фела. Директно без консултации со релевантни структури, нема да кажам дека министерот Тодоров не беше информиран, затоа што беше информиран и од страна на синдикатите и од претходната гарнитура на Лекарската комора, која неколкупати досега ги кажа недостатоците и неприменливоста на истиот. Но, сето тоа беше занемарено од страна на Министерството, кое се пушти во акција на примена на овој модел. Она што Министерството го прокламира во јавноста како мотив, е своевидна манипулација. Постојано кажуваме дека проблемот е во овој модел на вреднување. И ние сакаме да се означат разликите меѓу нас, но тргнувајќи од 100 отсто плата, она што е основно право, како што е во колективниот договор. А, Министерството може не само 20, туку ние сакаме и 200, па дури и 400 отсто да видиме награден лекар.  Има такви меѓу нас, кои ќе ја поминат нормата и никој нема да има ништо против тоа. Сѐ додека основната плата е загарантирана.

ФОКУС Со првата плата по успешност, на околу 400 лекари им беа намалени платите за 20 до 30 отсто. Дали тоа значи, дека од тие лекари што се кратат парите, се даваат на тие лекари, кои се наградени?
СТАВРИЌ Тоа што Министерството за здравство заборава да го каже е дека за таков модел треба да ги дополни буџетите на јавните здравствени установи и на тој начин да се црпат тие стимулативни средства. Секоја клиника има свој менаџер или економски директор, кои, исто така, можат да се ангажираат во зголемување на буџетите на клиниките и болниците, кои се на најниско можно ниво. Ова директно тргнување во моделот на оваа гарнитура, ги предизвика лекарите конечно да се обединат околу своите интереси. Можам да кажам, дека ова е историски момент и дека нема поделба меѓу лекарите.  Дури 98 отсто од нив се за модификација на овој модел. Ваков каков што е, овој проект остава простор за тотален субјективизам, поради недостиг од норми и критериуми. А, еден ваков модел мора да биде објективен. Независно кој е директор на институцијата, кој е министер за здравство, кој е шеф на Фондот за здравство, треба да биде адекватно и правилно применуван. Ваквиот модел остава широко отворена врата за мобинг и индивидуално однесување спрема симпатии и политичка припадност!

СИНДИКАТОТ „БАБА ЗУМБУЛА” ИМА ПОЛИТИЧКА ЗАДНИНА

ФОКУС Проектот плаќање по успешност се применува веќе втор месец. Во тек се преговори со министерот Тодоров. Ќе му попуштите ли на министерот за здравство или ќе одите до крај?
СТАВРИЌ Во моментот, министерот за здравство е соочен со барањата на лекарите, како и со барањата за штрајк, кој е судски спречен, за што дополнително ќе дебатираме. Министерот Тодоров во моментот преговара со два релевантни синдикати, Гранковиот синдикат и Независниот синдикат на скопските клиники. Тука е нафрлена и некоја трета структура, која дефинитивно не е синдикат и не може да се нарече синдикат, затоа што не е формиран по Закон и не располага со членство во чиј интерес се овие прашања, кои моментално се тема на преговорите. Таа трета структура е толку релевантна како некоја синдикална организација од областа на земјоделството. Нашите информации се дека се работи за 150 членови и неколку доктори. Во нашиот синдикат членуваат околу 1.200 лекари, од кои во Клинички центар има 750 лекари-специјалисти.

ФОКУС По чиј налог се формираат и секојдневно никнуваат нови синдикати?
СТАВРИЌ Овие нови синдикати, кои секојдневно никнуваат, а кои не стојат зад нашите барања, очигледно се задоволни со платите, што практично кажува дека имаат и некои други дополнителни приходи. Не би сакал да навлегувам, иако се знае што е – или се сомнителни донации или некаков недозволен начин на заработување. Таквиот начин на размислување може да се очекува само од тие структури, кои моментално се задоволни од овој начин на плаќање по успешност. Затоа и се формираат вакви квази синдикати, кои се нереални и  конструирани со политичка заднина. Ние остануваме на ставот дека доколку не дојде до некаков договор со министерот за здравство Никола Тодоров, лекарите кои сега се во предупредувачки, ќе стапат и во генерален штрајк.

ФОКУС Имаме информации дека дел од членовите на синдикатот „Мајка Тереза” веќе се наградени и со директорски функции!
СТАВРИЌ Ако активисти од некој синдикат, не знам како се викаше „Мајка – Тетка” или „Баба Зумбула” се формираат за неколку дена, потоа добиваат привилегии, а некои од нив, како награди стигнаа до ранг и на директори, тоа се ви кажува. Кога се формирани, зошто се формирани и како се плаќаат? Тоа е една жална општествена појава и тоа е дефинитивно пример за корупција, која исто како преседан, да се формиран лажен синдикат или здружение и да се бори за нешто, што е обратно од заложбите на синдикатот и синдикалните барања.

Ние остануваме на ставот дека новоформираниот синдикат „Мајка Тереза” не треба да учествува во преговорите со министерот Тодоров. Таа група луѓе, која не знае што застапува, треба да биде исклучена, бидејќи не припаѓа на таа преговарачка маса.

ФОКУС Едно од вашите барања до министерот е зголемување на платите на лекарите. Очекувате ли дека ќе ја зголемат платата?
СТАВРИЌ Јас не знам, зошто платата на министерот за здравство треба да биде поголема од платата на еден лекар-специјалист, зошто платата на еден пратеник, треба да биде поголема од платата на еден лекар-специјалист, зошто платата на еден судија треба да биде поголема од платата на еден лекар-специјалист.?! Не гледам зошто навистина мора да биде така, а сите тие имаат многу повисоки плати од нас. За тоа барање, министерот е соочен со 98 отсто од лекарите. Тој нема проблем со мене лично или со нашиот синдикат, туку со целокупната специјалистичка и лекарска структура. Тоа може да биде владина одлука, да биде компјутерски софтвер, но ако 1.200 релевантни луѓе, директно засегнати, како и нивните пациенти, кои се стотици луѓе, и ако постојано му се укажува дека овој модел не е прифатлив во ваков облик, тогаш министерот Никола Тодоров тоа треба да го сфати.

НАМЕСТО СУДСКА, ПОЛИТИЧКА ОДЛУКА!

ФОКУС По најавениот генерален штрајк на лекарите за 24 септември, министерот Тодоров го избра најригорозниот начин да го стопира штрајкот, со судска пресуда за времена забрана. Што мислите за ваквиот потег на министерот, да тужи синдикат и да забрани штрајк, што е уставно право на секој граѓанин?
СТАВРИЌ Значи, оној период, кој беше предвиден да се разговара за решавање на барањата и проблемите, министерот за здравство Никола Тодоров го искористи за формирање синдикати и судски налози. За жал, морам да кажам дека судот не донесе судска, туку донесе политичка одлука, што е жално и што наметнува прашање за демократскиот потенцијал на земјата и за тоа каде живееме.

Значи, тужбата содржеше невистини и се беше базирано на лага и манипулација. Меѓутоа, судот требаше да ги земе предвид аргументите, што беа посочени на единственото рочиште. Имено, како главна причина за тужбата од Министерството беше таканаречената недоволна или неадекватна организација на синдикатот за работа во услови на штрајк. Тоа е апсолутно неточно, затоа што според Законот директорите на болниците се тие, кои треба да ја организираат работата на клиниките и болниците во услови на штрајк. Тие се тие, кои треба да назначат тимови, кои би можеле да одговорат на секој итен случај, за да не дојде до несакани последици. Министерот за здравство не го штити здравјето на граѓаните, па да игра на таа карта, ние сме тие кои го штитиме здравјето на граѓаните – лекарите.

ФОКУС Ова што го презеде Тодоров е преседан во земјава, а што, согласно искуствата, би можело да стане редовна судска практика.
СТАВРИЌ Па, тоа е она што сите правници го укажаа како катастрофална последица. Значи, ова е преседан и секако дека судството ќе почне да се користи како маша и за овие настани. Тоа претставува апсолутно гушење на демократските права на граѓаните. За министерот да искористи ваков повод за тужба е несфатливо. А, уште пострашно е тоа што судот одлучи да одлучува по лажна тужба.

ФОКУС Судското рочиште експресно почна кога министерот поднесе тужба, а бавно одат работите во ваша корист, откако вие поднесовте жалба до Апелациониот суд. Добивте ли одговор?
СТАВРИЌ Жалбата е во процедура. Консултиравме адвокати и експерти од правната наука и добивме одговор, дека судската пресуда за времена забрана на штрајкот е рекорд, најбрза реакција на судот досега. Во рекордно време е постапено и пресудено. Не постои толку брзо решен судски процес. Ако веќе Основниот суд 2 така постапи, се надевам дека Апелација ќе постапи правилно. Ако не, ќе се обратиме до сите инстанци, ќе одиме и до Стразбур за оваа тужба. А веќе во наша корист се изјасниле и меѓународните организации на трудот, меѓународните еснафски здруженија и Светската здравствена организација и тоа директно од централата. Овој правен преседан што се случи, ова задушување на правата на лекарите, веќе е презентирано и надвор од границите. Така да очекуваме и реакции од надвор, но во случај да продолжи на тој начин како досега, ова прашање ќе се решава надвор од македонските граници. Доколку не се дојде до соодветно решение, ние ќе закажеме нов Генерален штрајк, но за датата ќе зависи од судските одлуки.

ЛЕКАРИ ЌЕ ГО ТУЖАТ СИНДИКАТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА”

ФОКУС Откако официјално се најави штрајкот, лекарите се соочија со постојани закани, дури и казни. Во кои клиники имаше забрани за штрајк и со какви притисоци се соочија белите мантили?
СТАВРИЌ Прво, однесувањето на министерот за здравство имаше за цел да се создаде страв кај лекарите. Таквиот страв веќе долго време се сади. На повеќе клиники имаме информации за заплашувања и закани на лекарите, Имаме судска времена забрана за штрајк, што е уште еден начин на замолчување на лекарската фела. Дури 95 отсто од лекарите од Клинички центар беа потпишани, меѓутоа на некои клиники, како кардиологија, токсикологија, нефрологија, неврологија, инфективна клиника, педијатрија, стоматологија и онкологија, под притисок на директорите, лекарите не излегоа на протести.

Спроведување на такви полициски методи од страна на оние, кои треба да бидат први во интелектуалните групи е несфатливо. Не можам да сфатам како директорите можат да си дозволат политичката припадност да се најде над професионалната. Дури за време на предупредувачкиот штрајк, ми беше сугерирано од колеги лекари од педијатрија дека биле подложени и на еден вид измама. Наводно, им биле поттурени списоци за потпис како за влез во нашиот синдикат, на кои се потпишале очекувајќи дека тоа го прават за независниот синдикат, а потоа пристапниците биле однесени во тој другиот синдикат, мајка, не знам ни како му беше името. Некои од измамените лекари дури планираат и судски да го решат тоа, бидејќи се чувствуваат измамени.

ФОКУС Лекарите се делат на подобни и неподобни, партиски и непартиски. Тие што и одговараат на владата се наградуваат, другите се казнуваат. Кои се причините за ваквото однесување на ресорното министерство и на владата?
СТАВРИЌ Тоа го покажува само лошиот демократски амбиент во земјава. Кои се точните причини за ваквата состојба не знаеме, но свесни сме дека тоа е политика на владата. Тоа е факт, затоа што систематското оцрнување на лекарската професија низ медиумите преку скапи кампањи, кои би можеле да се употребат за цели корисни за пациентите, за нас веќе е неприфатливо.  Со овој модел се користи ситуација да се казнуваат лекарите кои не им одговараат, а да се наградуваат партиските послушници.

ФОКУС Последните неколку месеци се вработија околу 300 нови лекари во јавните здравствени установи. Дали вработувањата се реални или по партиска линија?
СТАВРИЌ Страшно е тоа што вработувањата во здравството се исклучиво по партиска линија, бидејќи тоа може да создаде лоша атмосфера и да се одрази на здравјето на пациентите. Знаејќи го начинот на работа на владата, не ме чуди како се вработуваат новите лекарите. А, министерот Тодоров е само циничен кога кажува дека, ако вработените лекари во земјава се од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш таа партија има најдобри кадри. Она што јас го знам е дека загубивме стотици лекари, кои си ја знаат работата, а кои работат од Словенија па нагоре. Миграцијата на лекари од Македонија во другите земја е алармантна во последните две до три години. Факт е дека многу тешко можат да се вработат кај нас, па и заради смешните плати кои ги добиваат тука, тие одлучуваат среќата да ја бараат во друга држава!

ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НЕ ГО ПОСЛУША СВОЈОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

ФОКУС Новата гарнитура во Лекарската комора му даде целосна поддршка на министерот за здравство за проектот плаќање по успешност. Дури претседателот, доктор Кочо Чакаларовски шеташе низ сите клиники и болници и го промовираше проектот. Но, само пред неколку денови Лекарската комора побара одложување на проектот. Која е причината за брзото менување на ставот?
СТАВРИЌ Претседателот на Лекарската комора од самиот почеток се пушти во акција и цело време го промовираше проектот плаќање по успешност. Дури шеташе низ Македонија во промоција на истиот, каде доби негативни реакции од сите лекари. Наспроти тоа, претседателот на ЛК продолжи да го промовира, меѓутоа на собранието на Лекарската комора се покажа дека тоа е негов индивидуален став. Не е дозволиво, претседател на еснафско здружение, кој треба да се залага за правата на лекарите,  да промовира личен став како став на комората. Сите членови на ова еснафско здружение се против тоа, само претседателот е за. Зошто? Би ве замолил во мое име да го прашате – зошто е тој за?

Поврзани новости