Кочанец сам ја победи Македонија во Стразбур

by fokus

Трајко Стојков од Кочани, за себе вели дека не е многу учен човек. Завршил средно стручно образование, но за „Фокус“ раскажува како маката го натерала да стане „правник“, кој иако без факултетска, туку само со, како што вели, животна диплома, успеа да ја победи државата во Судот за човекови права во Стразбур.

Приказната на средовечниот кочанец почнува во 2000 година, кога неговата сопруга, Тодорка Стојкова, се соочила со животен предизвик. Заболела од тумор на мозок, по што била успешно оперирана, но за жал станала неспособна за работа. Набрзо, поднеле барање за добивање на парична помош за нега од друго лице, но биле одбиени. По пет години почнува и нивната судска борба. Добиваат неколку рунди од борбата, но на крајот ја губат битката, која се одоговлекува со години.

Како и многумина граѓани, поради незадоволство од македонскиот правен систем, Трајко, решил правдата сам да ја побара во меѓународниот суд, каде што наместо адвокат, самиот ја застапувал сопругата.

Апликацијата ја поднел во 2009 година, а пред неколку дена ја добил и одлуката.

„Најпрвин имав адвокат, но потоа продолжив сам. Влечкањето по судови и неправдата ќе го натераат човека се да научи. Па така и јас. Малку по малку учев. Научив да користам компјутер, а од Хелсиншкиот комитет за човекови права ми помногнаа со преведувањето на апликацијата“, раскажува кочанец Стојков.

Според одлуката на судот во Стразбур, неговата сопруга добила 1.620 евра, сума на која се согласила и македонската Влада, за повреда на правото на судење во разумен рок. Оваа одлука ни ја потврди и владиниот агент Костадин Богданов.

 

„Со оваа одлука на судот јас и сопругата излеговме како морални победници. Не го решивме главниот проблем, но сепак, покажавме дека правдата е на наша страна, иако македонскиот суд го тврдеше спротивното, вели Трајков.

Кочанецот додава дека сѐ уште не отстапува од намерата неговата сопруга да ја добие социјалната бенефиција, нега од друго лице. Во 2010 година покренал постапка пред Управниот суд, а веќе осум месеци предметот се наоѓа во Вишиот управен суд. Вели дека ако не добијат пресуда во нивна корист, повторно ќе тужи во Стразбур, каде што има поднесено уште една апликација, во врска со клевета и навреда.

Од година на година расте бројот на македонските граѓани кои правдата ја бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според официјалните податоци на Судот, минатата година биле поднесени 455 жалби против Македонија, а во 2012 година таа бројка изнесувала 354, но се зголемува и бројот на отфрлените жалби. По основ на пресуди, Македонија во 2013 година требало да исплати 482.000 евра, поради грешките на македонскиот правосуден систем.

 

Поврзани новости