Зошто Македонија доби условен и пролонгиран датум за преговори?

by Fokus

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Конечно Република Македонија и Албанија добија датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Доколку земјите продолжат да работат на реформите во насока на исполнување на политичките критериуми- демократијата, владеењето на правото и човековите права- тогаш во јуни наредната 2019 година и официјално ќе ги започнат преговорите за членство во Унијата. Дополнително, Република Македонија треба да го исполни и Договорот од Преспа. Ова, несомнено, е конфирмација на досегашниот напредок на двете земји и ветар во грб за продолжување на напорите.

Сепак, потребно е да се одговорат прашањата за значењето на ,,условеноста’’ на преговорите, како и за причината за пролонгирањето на самиот датум за почеток на преговорите. Овој текст се стреми да одговори на две прашања: 1. Зошто се вели дека преговорите се ,,условени’’ и дали е тоа исклучок или правило?; 2. Зошто почетокот на преговорите е пролонгиран за 2019 година?

Што значи тоа дека преговорите за членство се условени?

Евроскептиците во нашата земја се сомневаат во отпочнувањето на преговорите, особено поради фактот дека датумот е најавен како ,,условен’’ од исполнувањето на политичките критериуми. Но, не смее да се изостави дека сите преговори за членство досега на сите земји-членки на Унијата (освен земјите-основачи: Белгија, Франција, Германија, Италија, Луксембург и Холандија) биле условени- наједноставно кажано земјите-кандидати морале да исполнуваат одреден сет на критериуми за да бидат дел од ЕУ. Треба да се има на ум дека дури и самиот процес на преговори не значи дека по автоматизам земјата-преговарач ќе стане земја-членка: Унијата го задржува правото во секој момент да ги прекине преговорите доколку земјата-кандидат не ги исполнува условите за членство. Така и во случајот на Македонија и Албанија како и во сите случаи на проширување до сега Унијата воспоставува услови како во фазата пред преговорите, така и во фазата на преговори. И иако Европската Комисија во Извештајот за напредокот на земјите-кандидати забележа дека сите земји од Балканот бележат прогрес, сепак јасно упати на заклучокот дека потребно е посветено да продолжат да работат на реформите. Овде треба да се потсетиме на претпазливоста на Унијата поради минатото искуство во Проширувањата од 2004, 2007 и 2013 година.

Особено треба да се има предвид дека Унијата научи значајни лекции од очигледно пребрзата и недоволно внимателна европска интеграција на некои земји од Источна и Југоисточна Европа- овде во прв ред спаѓаат Унгарија и Полска со нивните сериозни прекршувања на владеењето на правото и принципот на поделба на власта, како и високиот степен на корупција и недоволното ниво на слобода на медиуми во Бугарија и Романија. Истражувањата покажуваат дека земјите кои влегле во членство недоволно подготвени покажуваат послаби резултати и граѓаните се помалку задоволни- тоа е така затоа што самото членство во Унијата не е универзален лек за сите болести и не може да биде супститут за суштинска општествена трансформација и стабилен систем кој ќе обезбеди добро владеење. Унијата има многу поголема моќ додека земјата е се’ уште во фаза на кандидатски статус и тогаш може многу повеќе да влијае и да поттикнува реформи; откако земјата ќе стане членка Унијата губи значаен дел од своето влијание и со тоа во значајна мера се редуцира нејзината трансформативна моќ. Со други зборови кажано: Унијата стравува дека доколку премногу бргу ги прими во членство земјите од Западниот Балкан тие ќе влезат во членство недоволно подготвени, а потоа нема да може да влијае врз нив за да ги имплементираат реформите.

Сево ова води кон заклучокот дека имајќи го досегашното искуство на Унијата со Проширувањето сосема е разбирливо тоа што ЕУ го условува напредокот во евроинтеграциите со постигнувањето одржливи и суштински реформи. Унијата мора да осигура дека земјите-кандидати се спремни да влезат во членство и дека тие ги поддржуваат вредностите на Унијата.

Зошто почетокот на преговорите е пролонгиран за 2019 година?

Второто прашање се однесува на причината за пролонгирањето на почетокот на преговорите. Треба да се забележи дека причината поради која Република Македонија и Република Албанија добија датум за почеток на преговори дури во 2019 година е домашната политика во некои земји-членки на ЕУ.

Во прв ред важно е да се истакне дека пред повеќе од десетина години се случи поместување на тежиштето на моќта кога стануваше збор за Проширувањето- наместо супранационалните ЕУ институции да го водат процесот на Проширување на Унијата, се’ повеќе земјите-членки заземаа важна улога и со тоа придонесуваа за дополнителна компликација на ионака доволно сложениот проект. Ова е тоа што експертите за европска интеграција го нарекуваат ,,национализација на процесот на Проширување’’.

Дополнително и можеби уште поважно во моментов, пролонгирањето на датумот за почеток на преговори е последица на зајакнувањето на крајно-десничарските популистички партии ширум Европа кои поттикнуваат анти-имигрантски сентименти кај граѓаните на земјите-членки на ЕУ. Бранот на популизам кој се појави изминативе години ги зафати и самите централни земји на Унијата- Германија, Франција, Италија, Холандија, Австрија и имаше влијание врз целокупниот процес на европска интеграција, вклучително и врз Политиката на Проширувањето. Последното истражување спроведено од Евробарометар во мај годинава покажа дека топ трите најважни приоритети за граѓаните на ЕУ се борбата против тероризмот, невработеноста кај младите и имиграцијата. Сево ова ги притиска владите на европските земји да ги адресираат овие прашања; и изгледа дека понекогаш искушението да се заземе популистички став кон овие горливи теми и на тој начин да се удоволи на јавноста едноставно е премногу силно да се одолее.

Ставовите на Франција и Холандија кон Проширувањето се од одамна познати, а се чини дека тековните политички развитоци истите ги зацврстија: и Париз и Хаг се залагаат за строго контролиран процес на Проширување кон Балканот на начин што нема да го загрози функционирањето на Унијата, ќе осигура целосна подготвеност за членство на земјите-кандидати и ќе спречи големи бранови на економски мигранти од новите кон старите земји-членки. Од сликата не треба да се изостават ни претстојните Европарламентари избори кои ќе се одржат во мај 2019 година- европските мејнстрим политичари и аналитичари стравуваат дека голем дел од граѓаните на Унијата се западнати во политичка апатија и не покажуваат интерес за судбината на европскиот проект- што значи дека голем дел од нив нема да излезат на гласање и со тоа ќе го намалат легитимитетот на ЕУ, а од друга страна значаен дел од оние кои ќе излезат на гласање ќе гласаат за популистички партии со цел да со својот глас го казнат европскиот политички естаблишмент.

Поради сево ова мораше да се изнајде компромисно решение кое ќе ги задоволи сите страни. Политиката- рекол Ајнштајн- е далеку посложена од физиката. Така, се случи Македонија и Албанија да добијат датум за преговори- па макар би се нагласило дека истиот е условен (што поради самата своја природа е сосема непотребно посебно да се акцентира) и пролонгиран; Холандија и Франција добија гаранција дека во случајот на овие две земји нема да се избрзува туку процесот ќе се одвива внимателно и постепено; целата ЕУ доби со тоа што испрати позитивен сигнал до регионот и на тој начин превенира крах на реформите и дестабилизација. Нам ни останува да продолжиме посветено да работиме на имплементација на реформите и да се определиме за европска иднина на земјата.

Поврзани новости