Зошто Ердоган и Путин се македонските преродбенички идоли?!

by fokus 19:56
19:56

arhivaТекстот е објавен во 933. број од неделникот „Фокус“ на 23. август 2013 година

Можете ли да замислите полицијата да го уапси шефот на кабинетот на кој било од нашите досегашни премиери, Бранко, Љубчо, Бучковски или Груевски, и тоа додека тие се во зенитот на премиерската моќ?! И уште притворот да е поради корупција? Ви изгледа ли како реална опцијата судот да покрене истрага за нелегално финансирање на владејачката партија, а благајникот им дури да добие притвор? И уште да пропее дека и премиерот добивал црни пари од црни партиски фондови? Во Македонија дури и моето прашање звучи мајтапчиски зашто тоа е невозможна мисија. Е токму тие незамисливи сценарија за нас, летово се случија во Чешка и во Шпанија.

- Advertising -

А сега, можете ли да си замислите во Македонијава наша да бидат осудени стотици луѓе, опозиционери, новинари, академици и адвокати, за обид за насилно симнување од власт на актуелниот премиер? Лично ваква една акција ми звучи „так нормално“ за наши услови, што би рекле Словенците „лако прихаја“, иако ми е тешко да најдам револуционери меѓу академиците, адвокатите и таквите ми ти „човеци“.

Во тој контекст, ви изгледа ли како можна сцената актуелната власт да го уапси најжестокиот критичар на власта? Особено ако тој е некоја свежа фаца, лидер на социјалните мрежи кој ја „индоктринира“ младината? Во Македонија и тоа е сцена што доликува на времето што го живееме.

А токму ваквите „специјалитети“ летово ги тресеа Турција и Русија. Со оглед на тоа што гуруата на преродбата се фасцинирани фанови на стиловите со кои владеат Ердоган и Путин, преку „кејсовите“ од Шпанија и од Чешка наспроти Русија и Турција, ќе се обидам да ги насликам разликите меѓу демократиите и режимите. Во една од овие групировки ќе ја препознаете македонската стварност. Истовремено ќе сфатите колку е дури тогаш тешка битката за нормализирање на општеството!

„СВЕДОЦИТЕ СЕ ТАЈНИ, ДОКАЗИТЕ ФАЛСИФИКУВАНИ“!?

И веднаш да си признаам дека сите овие информации ги собрав преку интернет од повеќе странски извори. Впрочем, вестите од светот кај нас се покуси и од временската прогноза, а најчитаните се тие од типот „Се породи Ким Кардашијан“ или „На Фрчкоски му се роди четврто дете“! Оттаму, не ме изненади тоа што многумина не знаеја детали за случајот Ергеникон, кој ја тресе Турција повеќе години, а го споменав во претходниот уводник. Контекстот, пак, во кој го употребив беше: можно ли е и кај нас да се случи ваков заплет или расплет, сеедно? Се води ли некаква акција за подготвување државен удар, особено што уште дента, на 24 декември, на црниот понеделник, власта го употреби токму овој термин, „стрелајќи“ кон опозицијата и Бранко Црвенковски. И, секако, особено откако деновиве Мирка Велиновска со сигурност навести во блиска иднина судски процес за „креирање услови за граѓанска војна, за преврати“ и тука веќе и го спомена токму Ергеникон!

Како што е познато, оти толку барем содржеа информациите што ги пренесоа нашите медиуми од Истанбул, група од 254 лица, меѓу кои генерали, политичари, адвокати, академици и новинари, неодамна беа осудени за случајот Ергеникон, со обвинение дека подготвувале воен удар. Судскиот процес што траеше 5 години, заврши и со 19 казни со доживотен затвор. Конкретно, беа обвинети дека планирале со атентати на познати личности, меѓу кои и врз нобеловецот Орхан Памук, со подметнување бомби и организирање масовни протести, да предизвикаат хаос, по што армијата би ги изнела тенковите на улица и би ја соборила владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Но, да ѕирнеме малку подлабоко во случајот. На почетокот, потезите на власта за случајот Ергеникон се позитивно доживеани. Судирот меѓу армијата, која се смета за упориште на секуларизмот, и владата тлее уште од 2002 година, кога происламистичката Партија на правдата и развој (АКП) доаѓа на власт, а Ердоган убедливо ќе победува и на следните два изборни парламентарни циклуси. Премиерот ќе успее со кадровски чистки во војската да се ослободи од многу генерали, кои важеле за чувари на модерната република, со образложение дека се воведува цивилна контрола врз војската. Со оглед на традицијата на воени удари во Турција, овие потези ќе имаат широка поддршка.

Но, процесот Ергеникон, како и уште едно друго големо судење против официрите, сѐ повеќе и постепено ќе оставаат поинаков впечаток за владеењето на Ердоган, односно дека „демократските реформи се претвораат во хајка против сите оние што не му аплаудираат, во борба за моќ меѓу новата и старите елити“.

Ригорозните казни со кои финишираше процесот, но и доказите што биле презентирани, го сврте расположението на дел од домашната, но и светската јавност. Од партијата што некогаш ја основал таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк, излегоа со став дека „Во овој судски процес главен обвинител е премиерот. Сведоците се тајни, доказите фалсификувани. Пресудите се нелегитимни“. Не беа поблаги ниту од десничарската опозициска партија: „Турската армија е понижена. Ова е убиство на правдата и законот, политизација на правосудството. Доколку таа неправда не се исправи, општеството ќе се соочи со хаос“!

ТАКТИКАТА НА ЗАПЛАШУВАЊЕ КАКО РУТИНА

Но, и коментарите на надворешните набљудувачи на ова „судење на деценијата“ не се разликуваат драстично од она на опозицијата. На пример, германскиот весник „Шпигел“ ќе наведе дека доказите во процесот се сомнителни, а во некои случаи воопшто и не постојат.

„Ердоган сѐ повеќе потсетува на владетел опседнат со моќта, кој е решен да ја замолчи опозицијата. Критичарите предупредуваат дека неговата цел не е да се подведе војската под демократска контрола, туку едноставно да ја зацврсти својата моќ во Турција. Според нив, заплашувањата и бројот на апсења постојано се зголемуваат во изминативе 10 години. Многу новинари повеќе не се осмелуваат да известуваат што точно се случува, писателите избегнуваат јавни настапи, а на критичарите на владата им е потребно физичко обезбедување“, се наведува во текстот што го објави „Шпигел“.

Според некои податоци, дури 64 новинари се сместени денес во турските затвори. Од една реакција, пак, објавена на сајтот на „Фридом хаус“, најдобро се гледа филозофијата на владеење, која гледа непријатели и во секое уметничко дело. Имено, по апсот на 38 новинари, министерот за внатрешни работи изјавил: „голем број луѓе поддржуваат терористички организации низ своите дела, слики, статии, песни и други уметнички дела“! И песната може да ве смести зад решетки!

Западните известувачи забележуваат уште еден феномен, кој ми изгледа бајаги познато. Имено, додека интелектуалците се згрозуваат од ограничувањето на слободата на медиумите, многу Турци и понатаму му ракоплескаат на Ердоган кога се бори против наводните државни непријатели. Тоа се објаснува со длабокиот страв меѓу Турците дека некој се обидува да ѝ наштети на нацијата.

Од друга страна, лондонски „Економист“ објави интересен детаљ од неодамнешните протести на Таксим. Според текстот, најголемиот турски индустриски конгломерат, Коч холдинг, станал цел на власта затоа што ги отворил вратите на еден од нивните хотели во Истанбул за демонстрантите кои бегале од полициската бруталност.

„Овој потег на Коч го предизвика Ердоган да порача дека „ хотелот поддржувал криминалци“. На 24 јули, даночните инспектори, засилени со полицијата, упаднаа во неколку фирми на Коч. Оваа вест предизвика пад на акциите на Коч на Истанбулската берза. Загубите на компанијата се вели дека изнесувале 1,8 милијарди лири во еден ден. Министерот за финансии инсистира на тоа дека ревизиите беа рутина. На ова следуваше коментар дека „Тоа не се ништо друго туку авторитарна тактика на заплашување. Тоа овде стана рутина“, пишува „Економист“.

Како и да е, следната година во Турција ќе се одржат локални и претседателски избори, на кои, пак, се очекува Ердоган да се кандидира за шеф на државата. Иако, според некои анализи, по протестите на Таксим партијата почнала да губи на популарност, сепак и натаму се смета дека е неприкосновена во внатрешноста на земјата. Проценките се дека опозицијата има шанси, но постои скепса дали ќе ја искористи. Особено што е разединета! Звучи познато!?

Ете, накусо, како големиот реформатор кој економски ја стабилизираше Турција, одлучно тргна да ја стави под цивилна контрола армијата, после неколку изборни победи, и веќе десет годишно владеење, се трансформира и добива поинаков имиџ во демократската јавност. Е токму таквите елементи, пак, изгледа ги пленат срцата на преродбеничката медиумско-експертска фаланга!

Алексеј Навални, харизматичен блогер, кој стана водечка опозициска личност токму на протестите против претседателот Путин

Алексеј Навални, харизматичен блогер, кој стана водечка опозициска личност токму на протестите против претседателот Путин

ПАРТИЈА НА ЛОПОВИ И ПРЕВАРАНТИ

Вториот идол на домашните ни патриоти, Владимир Путин има подолг стаж во власта и од Ердоган. Од 1999 година до денес, или е претседател или премиер. Во 2012 година, по мартовските претседателски избори, кои според опозицијата и надворешните набљудувачи беа контроверзни, Путин по третпат беше избран за претседател. Следеа големи протести, но власта возврати со апсење стотици демонстранти.

Една од најреспектабилните невладини организации која ги следи изборните процеси во Русија, „Голос“, а постои повеќе од 13 години, откри измами во изборниот процес, како и во самото гласање, за што беше критикувана од домашните власти. Им забележале дека добиле пари од УСАИД, но и тоа што примиле парична награда од еден норвешки комитет за човекови права. Власта побарала „Голос“ да ги врати сите пари! Тука е новиот закон, кој налага невладините што се финансираат од странство да се регистрираат како странски агенти.

Сепак, најсликовито „демократијата на Путин“ може да се спознае преку судбината на Алексеј Навални, харизматичен блогер, кој стана водечка опозициска личност токму на протестите против претседателот Путин, зимата 2011-2012. Летово тој беше осуден на 5 години затвор за „кражба на 10.000 кубни метри дрвена граѓа и нанесена штета од 16 милиони рубљи на една фабрика“. Инаку, Навални е влијателен адвокат, малцински акционер во неколку државни компании, кој популарноста ја стекнал како гласен борец против корупцијата. Податокот дека на Твитер има повеќе од 270.000 следбеници, доволно говори. Се смета за клучна личност која влијаела на младата „интернет-генерација“ да се крене против Путин.

Кога во 2010 година објавил доверливи документи за ревизија на компанијата „Трансњефт“, со обвинување дека се проневерени околу 4 милијарди долари во текот на изградбата на нафтоводот од источен Сибир до Тихи Океан, како координатор на измамата ќе го посочи Путин!

Потоа во едно радиоинтервју, партијата Единствена Русија ќе ја нарече „партија на лопови и преваранти“, израз кој стана општоприфатен во руската јавност. Веднаш потоа, членови на Путиновата партија побараа против него да се покрене судска постапка. И така и бидна. Истрагата на руската влада против Навални почнува по три месеци од овој повик!

Во декември 2012 година, на годишнината од првите демонстрации против режимот на Путин, Навални како прв човек на Советот за координација на опозицијата ќе биде уапсен. Собирот, впрочем, бил забранет од Кремљ. Набрзо обзнанија и дека покренуваат нова истрага против Навални, за перење пари и измама вредна 1,3 милиони долари.

Многумина судските процеси против харизматичниот твитерџија ги споредуваат со прогонот на политичките неистомисленици од времето на бившиот Советски Сојуз. Тој од старт тврдеше дека обвиненијата против него се дел од намерата на Путин да се пресмета со опозицијата. Пред старт на судењето, најави дека сака да се кандидира за претседател на Русија. Неочекувано, откако му пресудија 5 години затвор, обвинителството побара да се пушти од притвор до крајот на жалбената постапка. Веројатно, за да се намали гневот на јавноста. Неговиот изборен штаб одлучи да ја повлече неговата кандидатура за градоначалник на Москва.

Реакциите од Вашингтон, ЕУ и од повеќе европски држави беа дека судскиот процес против Навални е политички мотивиран. Се разбира, својствено за вакви режими, по сите вакви критики следи нова доза обвиненија и кривични истраги.

КОГА БЛАГАЈНИКОТ ЌЕ ПРОПЕЕ

И ако претходните секвенци од Турција и од Русија Ви изгледаат како нешто веќе видено, или барем како идеал кон кој се стремат нашите власти, сега да минеме на нешто што овдека е рамно на невозможна мисија. Демократии во кои медиумите откриваат корупциски скандали, каде што судиите истражуваат криминал во владејачките партии, а дури ни премиерите не се недопирливи.

Шпанскиот премиер Марјано Рахој неодамна во парламентот мораше да одговара пред пратениците за нелегалното финансирање на неговата владејачка партија Народна партија (НП). Скандалот многу потсетува на случајот „Фими медија“, за нелегалните патишта преку кои се финансираше Хрватската демократска заедница со Иво Санадер. Но, шпанскиот премиер ги негира наводите, иако бившиот партиски благајник Луис Барсенас, кој веќе два месеца е во притвор, признал дека постоеле црни фондови.

Интересно е дека медиумите одиграле клучна улога за раскринкување на овој скандал. Уште во 2009 година била покрената судска истрага за незаконски плаќања на функционерите на НС. И којзнае уште колку случајот ќе бил во фиока да не биле медиумските откритија. Аферата најупорно ја буткаат два мадридски конкурентски весници: „Паис“ и „Мундо“. Тие преку свето „длабоко грло“ доаѓаат до ексклузивни информации. „Паис“ објавува фотокопии од исплатените суми од нотесот на долгогодишниот благајник на НП, а „Мундо“ ги обелоденил смс-пораките со кои премиерот му дава поддржа и охрабрувања на благајникот сѐ до пред три месеци. Така јавноста разбра за тајните нелегални фондови од кои биле исплаќани двојни плати на функционерите на владејачката партија.

Сепак, Рахој демантира дека кога било земал пари на ваков начин истакнувајќи дека згрешил што му верувал на благајникот, но и дека нема да поднесе оставка! Според анкетите, пак, дури 72 отсто од Шпанците сметаат дека не ја говори вистината. Судскиот процес допрва ќе се проширува!

Чешкиот премиер Петр Нечас поднесе оставка

Чешкиот премиер Петр Нечас поднесе оставка

КРЕНАЛ РАЦЕ ОД СУДСТВОТО, ЌЕ ЗАВРШИ ПРЕД СУД!?

За разлика од својот шпански колега, чешкиот премиер Петр Нечас кон средината на јули си поднесе оставка од премиерската функција, но и од лидерската во Граѓанско демократската партија, поради корупцискиот скандал и злоупотреба на положбата во која беше вмешана неговата најблиска соработничка и љубовница Јана Наѓова, обвинета за примање мито и злоупотреба на функцијата. Сепак, на Нечас му останува пратеничкиот мандат, кој, пак, носи имунитет. Арно ама, неодамна обвинителството упатило барање до Долниот дом на парламентот да го симне имунитетот на Нечас, предуслов за покренување на кривична постапка против него.

Патем обвинети се седуммина бивши пратеници и високи државни функционери, меѓу кој и офицер на воената тајна служба. Според некои сознанија, обвинителството е на пат да открие уште корупциски скандали во врвовите на власта.

Како иронија на судбината, прозвучува фактот дека Нечас во текот на трите години колку што е на власт, овозможил полицијата и правосудството да работат без влијанија од политиката. Затоа и борбата против корупцијата последнава година добила неочекуван замав. А јавна тајна била дека со години парите од буџетот завршуваат во приватни каси на сомнителни фирми.

Сѐ на сѐ, ете зошто е опасно по демократурите, медиумите да бидат слободни, пред се како коректори на власта. Може да забегаат како оние шпанските, нели, а тоа е лошо за секоја владејачка структура. Или, зошто се максимално посветени судството да им биде под контрола? Ако дозволат да бидат независна власт, како што згрешил чешкиот веќе екс премиер, може тоа да му се удри од глава!

ИЗБРАН ОД МНОЗИНСТВОТО И НЕ Е ДИКТАТОР!!!

Неодамна Ердоган најави тужба против „Тајмс“ и дузина светски познати уметници затоа што во отворено писмо што го објави лондонскиот весник, го обвинија дека при неодамнешните протести во Истанбул се однесува како диктатор,

„Наредбата на премиерот Ердоган доведе до смрт на пет невини млади луѓе чиј единствен грев бил што го кренале гласот против диктаторското владеење… , стои во писмото потпишано од Сузан Сарандон, Шон Пен, Дејвид Линч, Венеса Редгрејв и други.

Му забележуваат за прогонот на домашните новинари, но и за организирањето на контрапротест во Истанбул, како начин да докаже дека ужива мнозинска поддршка од граѓаните. Според потписниците на писмото, тој потег асоцирал на годишните собири кои непосредно пред Втората светска војна „ги одржувале Хитлеровите фашисти во Германија.

„Тие не можат да го нарекуваат диктатор еден премиер кој е избран со мнозинство гласови. Тие го прават тоа затоа што не ја познаваат Турција, затоа што се измамени“, истакнал Ердоган, најавувајќи ја „правната борба“ против британскиот дневник и интелектуалците, кои најверојатно немаат сознанија дека контрапротестите се сепак имиџ на една друга држава!

ОДМАЗДА ЗА НЕПОСЛУШНИТЕ МЕДИУМИ!

Опозициската Социјалистичка партија на Шпанија укажува на сличности меѓу аферата Вотергејт од 1973 во Америка и корупцискиот скандал што летово ја тресе Шпанија. Покрај фактот дека обете афери ги открија медиумите, социјалистите сметаат и дека начинот на кој шпанскиот премиер Рахој се обидува да се одбрани од обвинувањата за корупција, но и термините што ги користи, се речиси идентични со аргументите што ги користел американскиот претседател Никсон. На нивниот партиски сајт, дури поставиле видео, кој паралелно ги прикажува Никсон и Рахој.

Шпански и американски аналитичари тврдат дека двете афери ги поврзува и заплашувањето на медиумите. На пример, се отпуштаат новинари од јавниот сервис мотивирани од политички причини, а директорот на „Мундо“ ја обвини владата дека дала налог да го следат службите. За споредба, приврзаниците на Никсон се обидувале да го оттргнат вниманието на јавноста од Вотергејт така што го напаѓале приватниот живот на уредникот на Вашингтон пост, што ја обзнани аферата. Магнетофонските ленти, пак, што подоцна биле откриени во Белата куќа, докажуваат дека Никсон се подготвувал да се одмазди на „Вашингтон пост“, така што ќе ја доведат под сомнение сопственоста и ќе го укинат весникот. Веројатно оставката го спречи да го спроведе тоа на дело.

Но, за одмаздата на властите кон неподобните медиуми во нашава транзиција, ние би можеле да напишеме роман!

Поврзани новости