Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Откако објавивме дека „Гранит“ го продал опожарениот хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен, и тоа непосредно пред да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце, обезбедивме документација, која открива како се спровеле двете тендерски постапки, зошто првиот договор се покажал недоволен и имало потреба за нов, какви проблеми на терен се јавиле…?

by Фокус

Иако првично беше предвидено да чини 14 милиони евра, автопатската делница кон Блаце во должина од 2 километри ќе чини најмалку 28 милиони евра, ако до моментално важечкиот рок во 2026 година не се склучуваат нови анекси поради проблеми при реализација на проектот, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како што објавивме пред 2 месеца, во време кога викендички на Попова Шапка се продаваат двојно и тројно поскапо, особено во пресрет на најавите за инвестиции во регионот од страна на италијански концесионер, АД „Гранит“ продал плац со маркичка за хотел на фирма што неколку години работи со загуба – „Еуро Ком Лигхтинг“, која била основана од актуелниот претседател на ФК Шкупи Суат Аљија, своевремено ангажиран и во Царинската управа.

Истражување на „Фокус“: Пред да добие нов милионски тендер за автопатот кон Блаце, „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување!

Притоа, наидовме на целосен молк од страна на „Гранит“, која не чувствува потреба да објасни зошто продала хотел на фирма-загубар со еден вработен, додека, како што пишувавме, на маса имала далеку повисоки понуди? Првично, и во ЈП за државни патишта ги игнорираа нашите прашања поврзани со двата тендери за автопатската делница кон Блаце од 2 километри, досега вредни цели 28,5 милиони евра само во делот на изведба, без трошоци за надзор и експропријација.

Затоа, потребните податоци за спроведувањето на тендерските постапки и за реализацијата на договорите ги побаравме и обезбедивме според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Документацијата со која располагаме открива како се продолжувал рокот и вредноста на првиот договор и зошто воопшто се јавила потреба за нов милионски договор.

Во рамки на првата тендерска постапка, ЈПДП и „Гранит“ склучиле договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце на самиот почеток на 2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра. Во постапката учествувале уште две компании покрај „Гранит“ – домашната „АД „Бетон“ и бугарската „ИСА 2000 ЛТД“.

Извештајот од спроведената постапка открива дека сите три компании ја минале фазата на евалуација, бидејќи ги исполнувале условите од тендерската документација, кои, меѓу другото, предвидуваа годишен приход од 10 милиони евра во последните 3 години, како и најмалку еден реализиран проект за изградба на автопатска делница во должина од 5 километри во последните 5 години.

На почеток, најниска понуда доставила бугарската „ИСА 2000“, која изнесувала 748.239.717 денари, што било за 1.760.229 денари пониско од првичната понудата на „Гранит“, која изнесувала 749.999.946 денари. Но, на електронската аукција понудата на „ИСА“ останала иста, а „Гранит“ одлучил да ја спушти на 747.239.717 денари, што претставува намалување за 2.760.229 денари во однос на нивната првична понуда. На крајот, „Гранит“ ја добил зделката со понуда за 1.000.000 денари пониска од второрангираната на бугарската компанија.

Од една страна, „Гранит“ ја намалил својата првична понуда за нецели 3 милиони денари, со цел да има пониска понуда од главниот конкурент за еден милион денари и на тој начин да го добие договорот. Од друга страна, пак, „Гранит“ на крајот добил 3 милиони евра плус преку 5 анекси на основниот договор, со цел пролонгирање на времетраењето на договорот, како и внесување позиции што не биле опфатени со предмер-пресметката, заради „квалитетно завршување на работите“.

Како што нѐ информираа од ЈП за државни патишта, реализирани се нецели 80 проценти од основниот договор склучен со „Гранит“ на почетокот на 2020 година. Воедно, од таму додаваат дека измените на основниот договор се направени поради неусогласеност на некои позиции во проектната документација во однос на технички услови, како и поради пропуштени и помали количини во проектната предмер-пресметка.

„По започнување на работите и геодетската проверка на природниот (реален) терен на трасата, на делот каде што е предвидено со проектот да се изведе армиран насип со обложен ѕид од габиони, од страна на изведувачот и надзорот е констатирано дека постои разлика меѓу нивото на теренот од проектот и нивото на реалниот терен, што беше причина да се направи препроектирање (нов проект) на армираниот насип“, велат од ЈПДП.

Понатаму, во официјалниот одговор што го добивме од таму се наведува дека во текот на изведбата на земјените работи – ископ во природниот терен за оформување на проектираните косини на усекот, се појавила подземна вода. Поради тоа, се наведува во дописот, на делови од усекот каде што косините според проектот биле со пострмен наклон настанало обрушување.

Свлекување на косините настана во почетниот дел на трасата (карпест материјал) и при крајот на трасата (земјен материјал). Треба да се напомене дека забелешките на надзорниот орган главно се однесуваа на пропустите во проектната (техничката) документација“, истакнуваат од јавното претпријатие, додавајќи дека за деловите каде што се појавија свлечишта на косините се направи препроектирање на наклонот на косините и се предвидоа мерки за нивна заштита.

Со оглед дека Законот за јавни набавки забранува вкупната вредност на измените на еден договор за јавна набавка да надмине 20 отсто од вредноста на основниот договор, а во случајов со петте анекси се зголемил основниот договор за трасата кон Блаце за околу 18 отсто, ЈП за државни патишта одлучува кон крајот на минатата 2022 година да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата.

Во рамки на оваа постапка, претпријатието на почетокот на годинава повторно склучил нов договор со „Гранит“ во вредност на дополнителни 11 и пол милиони евра. За разлика од првата тендерската постапка, во втората немало конкуренција, па бил склучен нов договор со „Гранит“ како единствен понудувач. Но, овојпат „Гранит“, не настапил самостојно, туку со техничка поддршка од друштвото „Геоконтрол“.

Инаку, надзор и на двата договори за изградба на оваа автопатска траса кон Блаце вршел, односно врши „Градежниот институт – Македонија АД“. Официјалните податоци покажуваат дека ЈП за државни патишта првиот пат склучил договор за надзор во вредност од 480 илјади евра, додека вториот пат склучил договор со истиот економски оператор од 228 илјади евра, или вкупно над 700 илјади евра.

Од одговорите што ги добивме од ЈПДП, како инвеститор произлегува дека забелешките на „Градежниот институт – Македонија“ како надзорен орган, по кои морал да поставува изведувачот „Гранит“, главно се однесувале на пропустите во проектната документација. Оттука, се поставува прашањето кој го изработил проектот за овој проект?

Станува збор за „ИПФ 7 Конзорциум“ предводен од американската „Хил Интернационал“, кој ја изработил проектно-техничката документација за автопатската траса кон Блаце, врз основа на која се изготвени техничките спецификации за првата пократка траса од 2 километри што веќе се гради, додека истиот конзорциум веќе изработил нацрт-идеен проект за втората делница во должина од 10 километри, за која е обезбеден странски заем од 167 милиони евра, плус 20 милиони евра од грантови, ама се уште не е спроведен тендер.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости