Зоографски и Миладинов пред два века се бореле за она што сега го предавате!

by Fokus

Бисера по директива не сака да учи историја, за минатото. Таа е повеќе по разонодата. Сака да ја засмејуваат. Дури и во овие најцрни моменти на македонското постоење. Додека ја убиваат, македонската култура треба да е „кловн“ за Бисера

 Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ

„Учи напред книга на својот јазик, после, ако имаш време, учи и на други јазици“. Пресилна е пораката на Партениј Зографски (1818-1876 г.) денес до предавниците во владата.

Не верувам дека Бисера Костадиновска-Стојчевска како најповикана во владата го разбрала, ако воопшто знае за овој, дваесет и трети совет за децата од Павле Тризловски од Галичник, ученикот на Димитар Миладинов, а познат како првиот македонски митрополит Партенија Зографски.

Впрочем, нејзиниот „само позитивно“ пропагандистички буквализам е во рамки на владиниот предавнички антимакедонски зафат, кој подразбира бришење на севкупната македонска култура и наука и предавање неа да ја пишуваат, уредуваат, менуваат, редактираат и лекторираат од Софија.

Впрочем, Бисера лекторот, јазичарот, би требало да ја разбира длабочината на оваа поука од Зографски, основоположникот на македонското учебникарство, со двата учебника на македонското наречје, студии за македонскиот јазик и фолклорни записи.

„ДА ГО РАСПОЛОЖИ НАРОДОТ“

„На својот јазик“ се подразбира и учење, но и творење на свој јазик, за својата култура, за својата традиција, за своите херои, страдања, жртви и победи, за својата историја, за сето она што ја одликува твојата посебност и различност од другите.

Но, Бисера по директива не сака да учи историја, за минатото. Таа е повеќе по разонодата. Сака да ја засмејуваат. Дури и во овие најцрни моменти на македонското постоење. Додека ја убиваат, македонската култура треба да е „кловн“ за Бисера!

Не би требало, смета Бисера, уметниците да се навраќаат на минатото, иако црното минато токму таа на големо го враќа. Би требало да творат во духот „да го расположат народот“.

Веројатно треба да се слави тоа што предавниците му го исполнуваат животниот сон на Божидар Димитров, идеологот на тезата дека Македонија е втора бугарска држава. Дури и сево ова го споделуваше пред да почине, славејќи го Заев и СДСМ.

„Договорот има една клаузула на прв поглед неиспробана, но ако се исполни… тоа означува крај на македонизмот и навистина претворање на Македонија во втора бугарска држава, не така наеднаш, туку постепено“, велеше Димитров.

За процесот и учебниците сега пред очи се случува тоа што Димитров го предвиде пред да се потпише договорот во 2017 година, дека учениците во Македонија ќе мора да учат бугарска историја.

„Ако бидат напишани како што треба, тие ќе учат бугарска историја, ќе учат како до 44-та година, 1300 години ги споделувале сите премрежија и победи на бугарскиот народ, порази и победи и како 1944-та биле принудени од една тоталитарна држава, како комунистичка Југославија, да станат друг народ различен од бугарскиот. Сега ќе учат. За време на управувањето на премиерот Борисов и премиерот Зоран Заев е постигнат еден договор, кој ги постави темелите на еден процес“, се радуваше Димитров.

ЛЕБ И ИГРИ

Во Протоколот, на чие потпишување годинава Бисера не застана од смеење, во делот за историја е нагласено да се подготват и претстават „…предлог-текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата во однос на настани и историски личности… и во иднина да ги вклучат во соодветните учебни програми, учебници и други речеватни учебни материјали, а истите да се рефлектираат врз содржините на натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење…“. Исто како што предвидуваше Божидар Димитров, а тука велеа дека е пропаганда.

Оттука, овој јазик повеќе воопшто не е „свој“! И на тој јазик сака да се радува Бисера. Уметниците да ѝ творат забава. Леб и игри. Јасно е дека уметноста, особено нејзиното претставување, чини пари и јасно е дека без државна помош тоа е невозможно. Впрочем, тоа ѝ е обврска!

И јасно е дека Бисера порача државна цензура. И јасно е дека сепак не станува збор за „слободно толкување“ и уште помалку за „повредени чувства, порив, мотив и обиди за творење“, како што посака, а не успеа да се извини Бисера. Порачана е цензура на творењето. Порачана е цензура на мислата. Порачана е цензура на својот јазик!

Доцна е за Бисера и за оваа влада поуката на Зографски „Една работа, ако не знаеш како ќе излезе, не зафаќај ја, без да се поучиш со некого што знае“. За оваа власт не верувам дека не знаеле каде тераат. За нив важи неговата „Тој што учи книга на туѓ јазик, а не на својот, тој е еднаков со оној што ја отфрла мајка си и наместо неа зема друга“.

Зографски и Миладинов пред два века се бореле за она што сега го предаваат! Ќе ги отфрли Македонија како диво месо!

 

 

 

Поврзани новости