Здружението на новинари силно го осудува обидот за воведување на цензура преку предлог законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали што во Собранието вчера попладне го поднесоа пратениците на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од Здружението бараат итно повлекување од парламентарна процедура.
– Со овој скандалозен предлог наместо очекуваното подобрување на слободата на изразување и независноста на медиумите, власта се обидува да ја елиминира слободата на говор и да им наметне на новинарите и медиумите за што смеат, а за што не смеат да ја информираат јавноста. Ваквиот непримерен законски предлог го прекршува Уставот кој во членот 16 изречно вели дека цензурата е забранета. Новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции бидејќи на тоа ги обврзува новинарскиот Кодекс во кој јасно стои дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес – се наведува во соопштението на Здружението.
ЗНМ ги повикува политичките партии да престанат да се занимаваат со работи кои може да нанесат дополнителна штета на и онака неповолната состојба во која се наоѓаат новинарите и медиумите.