„Вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречи новинарите да известуваат за настанот и се стави во улога на цензор кој решава што смее а што не да види македонската јавност“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Оттаму додаваат дека протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.
Поради тоа што новинарките инцидентот уредно го пријавија во Секторот за внатрешна контрола на МВР, од ЗНМ очекуваат полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни.
„Со тоа ќе спречи во иднина да се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата“, заклучуваат од ЗНМ.