МВР ја отфрли претставката на новинарите на кои им беа бришени снимките

by Фокус

МВР не може да утврди дали навистина дел од полициските службеници им бришеле материјали и ги навредувале новинарите од Фокус, НОВА ТВ и Радио Слободна Европа за време на протестите во Ѓорче Петров.

„Од извршените разговори со сите 34 полициски службеници кои учествувале во активностите на полицијата, не може да се утврди дека некој воопшто бил инволвиран во настан како што е наведен во претставката, односно одземање и бришење на снимен видео-материјал и фотографии“, се вели во соопштението на МВР.

Останува нејасно кога воопшто МВР успеа да изврши детална истрага за случувањата, кога новинарите го пријавија случајот во Секторот за внатрешна контрола вчера, а останаа таму до крајот на работното време односно до 16 часот. Од МВР им беше соопштено дека истрагата најверојатно ќе трае околу месец, пред да добијат писмено известување за епилогот.

Воедно, Министерството ги проверувало и веб-страниците на трите медиуми и констатирало дека од инцидентите во Ѓорче Петров на сите три медиуми биле објавени и снимки и фотографии од вечерта на 20 мај.

„Врз основа сите направени проверки не се обезбедени никакви докази во прилог на претставката која се пријавува. Секторот за внатрешна контрола им стои на располагање на пријавителите, навремено да достават дополнителни информации кои евентуално би помогнале во докажување на случајот и утврдување на вистината“, стои во соопштението.

Редакцијата на Фокус информира дека нашата новинарка Мери Јордановска која беше на терен во Ѓорче Петров вечерта на 20 мај, располага единствено со снимки и фотографии кои биле направени од мобилен телефон. Таа била приморана да ги избрише фотографиите од апаратот, откако неколку службени лица во 20.30 часот се нафрлиле врз новинарските екипи со погрдни зборови и стоеле до нив додека не се уверат дека фотографиите и снимките ќе бидат избришани.

Фокус уште еднаш апелира до МВР да им се овозможи непречена работа на новинарите додека известуваат од терен.

Поврзани новости