Здружението на новинарите на Македонија го осуди односот на полициските службеници од обезбедувањето и одговорните за протокол на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев кон новинарот од ТВ Клан, Фуркан Салиу.
„Обезбедувањето на министерот прекршувајќи го Кодексот на однесување на полициски службеници (во членот 19 според кој полицијата има обврска да воспостави професионален однос со медиумите и новинарите) на крајно недоличен начин пробуваше да го оддалечи новинарот Салиу од министерот Чулев поради тоа што тој сакаше да му постави прашање. Според Салиу, дел од неуниформираните полицајци дури тврделе дека треба „да му одржат лекција на него“ што претставува директна закана кон новинарот и е недозволива за било кој државен службеник. Особено е недозволиво вакви работи да се случуваат на денот на македонската полиција“, реагираат од ЗНМ.
Од таму бараат одделот за внатрешна контрола при МВР итно да го истражи овој случај и соодветно да ги казни припадниците на полицијата кои си дозволиле да постапуваат спротивно од законските овластувања.