ЕСМ ангажира приватни машини за РЕК Битола, откако пропадна тендерот за набавка на своја механизација

by Фокус

Државната компанија за производство на струја Електрани на Северна Македонија објави оглас за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударско-енергетскиот комбинат во Битола од приватни компании, веднаш откако пропадна тендерската постапка за купување на сопствена механизација за ископ и транспорт на јаглен.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, набавката е поделена на 4 дела или лота кои се однесуваат на набавка на услуга од утоварна лопата, камион, булдожер и цистерна, при што за секоја машина се пропишани конкретни параметри.

Притоа, критериум врз основа на кој ќе се додели договор во времетраење од една година е најниската цена.

Покрај тоа, во тендерската документација се наведени низа услови што заинтересираните компании треба да ги исполнат за да ја минат фазата на евалуација и да стигнат до електронска аукција, во поглед на годишниот обрт на средства итн.

Инаку, акционерското друштво во целосна државна сопственост го објавило огласот за спроведување на отворена постапка за помошна механизација на повик за РЕК Битола на 6 мај, чиј краен рок за поднесување на првичните понуди истекува на 5 јуни.

Оттука, огласот бил објавен само една недела откако Државната комисија за жалби по јавни набавки на крајот на април (29.04) донесе решение со кое, по жалба на компанијата „Технокс Груп“, ја поништува тендерската постапка на АД ЕСМ за набавка на сопствена механизација, во вредност од 19 милиони евра.

Во решението на второстепената комисија се наведува дека жалителот „Технокс Груп“ поставил 16 прашања кои се однесуваат на појаснување на делови на тендерската документација, а воедно доставил и предлози за измена на тендерската документација.

Меѓутоа, АД ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) како договорен орган одговорил на 12 прашања, што, според Комисијата, е спротивно на Законот за јавни набавки, кој предвидува да бидат одговорени сите прашања доколку се однесуваат на тендерската документација и се поднесени во пропишаниот рок.

Во однос на тоа, од АД ЕСМ одговориле дека жалбата треба да биде отфрлена бидејќи немало никакви пропусти во тендерската документација, меѓутоа Комисијата сепак одлучила да ја прифати жалбата.

Покрај останатото, Комисијата навела дека тендерската документација била изготвена спротивно на законот и можела да доведе до дискриминација на економските оператори и ограничување на пазарната конкуренција.

За потсетување, новиот менаџмент на друштвото набргу после политичките промени почна постапка за набавка на сопствена механизација, меѓутоа таа се одолговлекуваше со изговор дека се врши технички дијалог и истражување на пазарот, а потоа се поништи со објаснување дека ќе се чека новиот Закон за јавни набавки, кој овозможи модел на избор на најповолен понудувач преку бодување наместо само по пат на најниска цена, со цел да се обезбеди квалитет.

Арно ама, и постапката покрената по стапувањето на сила на новиот Закон за јавни набавки пропадна, а во меѓувреме продолжуваат тендерите за изнајмување на механизација од приватни компании.

Влатко Стојановски

Поврзани новости