ЗНМ ќе објави конкурс за новинарски стории на тема „Нелегална трговија со режан тутун во РСМ“

by fokus

Конкурс за новинарски стории на тема „Нелегална трговија со режан тутун во РСМ“ ќе биде објавен месецов, соопшти Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Можност за пријавување ќе имаат новинари од традиционалните и онлајн медиумите.

– Оваа тема е од висок јавен интерес, бидејќи е поврзана со повеќе суштински аспекти од здравјето на граѓаните, функционирањето на системот и економијата на државата и заслужува да биде поприсутна во јавноста и апсолвирана длабински и сеопфатно. Веруваме дека овој проект на новинарските тимови ќе ги овозможи сите неопходни услови за изработка на квалитетни, аналитични и темелни новинарски производи, кои на јавноста ќе ѝ дадат појасна слика за механизмите кои ја стимулираат нелегалната трговија со режан тутун во земјава, а паралелно ќе поттикнат промени и ќе бидат коректив во општеството, велат од ЗНМ.

Појавата на нелегалното производство и трговијата со тутун, како што посочуваат, претставува сериозна закана за сите учесници на легалниот пазар – од легалните производители, увозниците, дистрибутерите, малопродажните места, а има сериозни последици и по државата и нејзиниот буџет, поради одбегнувањето на акцизите и даноците.

– Дополнително, за разлика од регистрираното производство, нелегалниот режан тутун не подлежи на никаква контрола, ниту во поглед на неговиот состав, потекло, стандарди на производство, складирање и останати параметри кои влијаат на неговиот квалитет. Со цел, поефикасен пристап кон оваа проблематика, ЗНМ и „Империал Тобако ТКС“ Скопје потпишаа Меморандум за соработка во кој се дефинирани принципите на соработката со што ќе се поддржи изработка на истражувачки стории на темата. Од „Империал Тобако ТКС“ потенцираат дека новинарите и медиумите се вистинскиот партнер за еден ваков проект, поради тоа што ја имаат моќта да влијаат на јавната свест за решавање на овој сериозен и сложен проблем, кој бара итно решение, потенцираат од ЗНМ.

Поврзани новости