ЗНМ и ССНМ: „Аџибадем Систина“ изврши директен обид за цензура врз ИРЛ

by fokus

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја осудуваат непримерната комуникација на „Аџибадем Систина“ кон новинарите од редакцијата на истражувачката новинарска платформа „ИРЛ.мк“ по повод нивната сторија за COVID-19 насловена како „Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за КОВИД-19 тестовите“, објавена на 28 март 2020 година.

-Како засегната страна во текстот, „Аџибадем Систина“  испратила реакција до редакцијата на ИРЛ што е нивно легитимно право, но сепак, проблематично во нивното барање е што на дрзок начин ги клеветат и навредуваат новинарите кои работеле на таа истражувачка сторија, а притоа без доволно аргументи во својата реакција бараат извинување, како и текстот на „ИРЛ.мк“ да биде повлечен, се вели во реакцијата.

ЗНМ и ССНМ се на ставот дека овој пристап на „Аџибадем Систина“ е недопустлив.

-Со таквиот начин на комуникација кон овој медиум тие директно навлегуваат во кредибилитетот на новинарите и се обидуваат истите да ги дискредитираат, а не да ја аргументираат критиката упатена кон нив. Освен тоа, ваквата комуникација на „Аџибадем Систина“ несомнено може да се толкува како притисок врз редакцијата на „ИРЛ.мк“ и претставува директен обид за цензура што е апсолутно недозволиво во едно демократско општество, особено за теми кои се од поширок јавен интерес. Укажуваме на „Аџибадем Систина“ дека во иднина кога сметаат дека некој медиум известувал неетички, наместо да даваат квалификации и да навредуваат новинари и кон истите да се закануваат со тужби, можат да поднесат претставка до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) или во Советот на честа при ЗНМ како две единствени саморегулаторни тела во С. Македонија, стои во реакцијата.

Поврзани новости