ЗНМ апелира да не се стигматизираат новинарите и на Михајловски му посакува брзо закрепнување

by fokus

Здружението на новинарите на Македонија денеска излезе со соопштение во кое наведува дека со загриженост ја примило информацијата дека уредникот на националната телевизија  „Канал 5“, Гоце Михајлоски, е позитивен на корона вирусот. На колегата Михајлоски му посакува брзо закрепнување, да истрае во борбата со болеста и набргу да се врати на своето работно место.

-Поттикнати од некои неодговорни објави пред се на социјалните мрежи, ЗНМ апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кое се заразени или за кои постои сомнеж дека се носители на коронавирусот. Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела без разлика дали истите се присутни на традиционалните медиуми или пак на социјалните мрежи, нагласува ЗНМ.

Здружението укажа дека голем дел од новинарите и медиумските работници, поради природата на нивната работа се повеќе изложени на контакти со луѓе, а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со корона вирусот.

-Затоа од апсолутна важност за нивната лична безбедност, безбедноста на лицата со кои се во контакт новинарите и медиумските работници да имаат обезбедено услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза. Во време кога квалитетното новинарство може да спаси животи, од исклучително значење е да имаме точни и навремени информации. За да биде тоа возможно, медиумските работници потребно е да бидат максимално заштитени во своите редакции, но и кога известуваат од терен. Потсетуваме на  „Насоките за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19)“ кои ЗНМ и СЕММ ги објавија неодамна каде се опишани стандардите за безбедно и професионално известување во услови на пандемија, потенцира ЗНМ.

Поврзани новости