Златна зора побара да се уапси премиерот Ципрас поради договорот за името

by fokus

Претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис привремено го забрани дејствувањето на неонацистичката партија Златна зора, поради нејзините коментари околу постигнатиот договор за името со Македонија, што беа сфатени како повик на пуч.

Вуцис реагираше по обраќањето на пратеникот Константинос Барбарусис, кој за време на дебатата во парламентот кажа дека премиерот Алексис Ципрас треба да биде уапсен поради прифаќање на договорот со Македонија.

„Го повикувам военото водство на државата да ја почитува својата заклетва и да ги уапси премиерот Ципрас, министерот за одбрана Панос Каменос и претседателот Прокопис Павлопулос, со цел да се спречи предавство“, изјави Барбарусис од парламентарната говорница.

Оваа негова изјава беше сфатена како повик на пуч.

„Златна зора ќе се обиде да предизвика насилни реакции во наредните денови, кога се очекува да биде потпишан договорот помеѓу Скопје и Атина. Од таа причина, на партијата ѝ се забранува учество во сите наредни сесии“, кажа Вуцис.

Министерот за одбрана, Каменос, повика да се покрене обвинение против Барбарусис.

Поврзани новости