Живковиќ: Недела ќе биде неработен ден за сите работници

by Fokus

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Милан Живковиќ на денешната прес конференција уште еднаш порача дека недела ќе биде неработен ден за сите работници. Како што истакна тој, тоа е сериозен чекор во градењето на фер и праведно општество за сите.

„И во претходниот и во сегашниот мандат, Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев континуирано работи во насока на подобрување на условите за работа за сите.

Владата ја прифати иницијативата недела да биде неработен ден за сите граѓаните. Сега во надлежното министерство, во Министерството за труд и социјална политика се создава законско решение со кое недела ќе биде слободен ден за оние кои сакаат да бидат со своите семејства.

Ова е сериозен чекор во градењето на фер и праведно општество за сите, сериозен чекор кон унапредување на условите за работа на работниците и работничките.

Преку отворен и инклузивен процес на дебата ќе дојдеме до решение кое ќе биде целосно прифатливо и за работниците и за синдикатите и за работодавачите и за стопанските комори.

Оваа мерка е континунитет во политиките на СДСМ кои обезбедуваат унапредување на работничките права.

Како за потсетување: ја покачивме минималната плата прво на 12.500 а потоа и на 14.500 денари и ја израмнивме за сите стопански гранки. Наша интенција е до крајот на мандатот, до 2024 година таа да изнесува 20.000 денари.

Покачувања на платите добија вработените во сите сектори, вклучително и оние во приватниот сектор, а со мерките од четирите пакети антикризни мерки спасивме стотици илјади работни места и помогнавме илјадници компании.

Сигурни сме дека ќе има работодавачи и менаџери дури и работници и работнички за кои недела како неработен ден нема да биде начелно прифатлив – и тоа секако е нивно право. Но со недела како неработен ден за сите, нашето општество ќе добие позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд а од тоа бенефитот ќе биде за сите!“, вели Живковиќ.

Поврзани новости