Живко Митревски ќе си ја побара назад фотелјата во ССМ

by fokus

Поранешниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, кој беше разрешен од функцијата во ноември 2016 година, со одлука на Советот на ССМ, ќе си ја побара фотелјата назад. Митревски вели дека има легитимен мандат, а неговото тврдење го аргументира со новата одлука на Управниот суд со која се укинува правосилноста на претходната пресуда, со која за нов директор на ССМ во Централниот регистар беше впишан Дарко Димовски.

Управниот суд донел пресуда со која тужбата на Живкот Митревски се уважува.

-Секако дека ќе се вратам во ССМ, со оглед на фактот дека имам легитимен мандат и со оглед на катастрофалната состојба во ССМ. За прв пат во историјата нема колективни договори во јавен и приватен сектор, намален е бројот на потпишани колективни договори, намалена е вредноста на к-15 за две третини. Освен тоа изгубена е целокупната општествена позиција на ССМ, работничката партиципација скоро и да ја нема, а ССМ е отсутен скоро во сите сфери на општественото и економско живеење – изјави Митревски за „Фокус“.

Митревски го толкува решението на Управен суд како потврда дека Димовски незаконски бил впишан во Централниот регистар како нов претседател.

-Според најновата пресуда на Управен суд се потврдува нелигитимен упис во Централниот регистар на Дарко Димовски бидејќи претходно со заклучокот на Централен регистар бил забранет упис врз основа на наредба од јавен обвинител поради основано сомневање за промена на претседател на ССМ врз основа на фалсификување на исправи. Тоа значи дека уписот на Димовски е неважечки и останува уписот пред 11.08.2017 на Живко Митревски легитимно избран на 19 Конгрес на ССМ во мај 2017 година едногласно – вели тој.

Од ССМ, пак, ова решение го толкуваат поинаку. Од таму велат дека пресудата не се однесува на изборот на претседател.

„До ССМ до овој момент од страна на Живко Митревски или од Управниот суд на РСМ нема доставено никаква тужба или пресуда во врска со управен спор поведен од страна на Живко Митревски. До ССМ доставено е само Решение со кое се укинува клаузулата на правосилност на Пресуда на Управниот Суд У5 бр.1773/2017 поради сериозни и суштествени повреди на постапката. Според неофицијални информации, управната постапка не се однесувала на одлуките на органите и телата на ССМ кои се легитимни и согласно Статут. Со ова се потврдува легитимноста на Одлуките на органите и телата на ССМ. ССМ исто така нема информација, ниту има добиено тужба дека се води постапка по однос на одржаниот вонреден Конгрес на ССМ на кој беше избран Претседател на ССМ на најдемократски и најтранспарентен начин, во присуство на Европската и на Светската конфедерација на синдикати“, соопштија од таму.

Од ССМ додаваат дека имат право со сопствени услови и правила да ги избираат своите претставници во целосна слобода, а дека државните органи имаат обврска да се воздржат од било какво влијание или попречување кое ќе влијае на нивната работа.

„Единствено нешто што можеме да кажеме за статусот на Живко Митревски во  ССМ е дека истиот беше едногласно разрешен од членовите на Советот и делегатите на Конгресот на ССМ. Воедно Ве информираме дека против него се поднесени 3 кривични пријави за злоупотреба на службената положба, фалсификување на исправа, проневера и послужување во службата, за кои веќе од страна на МВР се одземени документи од ССМ и сослушани се инволвирани лица. Исто така поведени се постапки пред Управата за финансиска полиција за злоупотреби на финасиски средства од ССМ и проекти на Европската Унија“, посочуваат од ССМ.

Маја Васева

Поврзани новости