Живите мртовци во Македонија, инспирација за одлична претстава која ги полни театарските сали!

by Fokus

Жива сум, не сум почината, и со месеци одам по институции и докажувам дека по грешка ме направиле почината. Позајмувам пари, оти не можам ниту пензија да земам – низ плач раскажуваше штипјанката Драгица Панова во мај 2022 година. Нејзиниот сопруг починал на 4-ти јануари таа година, но наместо него, нејзе ја заведиле како почината.

Одела од врата до врата до институциите, потполнувала потврди за живот, за да докаже дека е жива, но и задолжена, бидејќи не може да добие пензија.

Откако случајот излезе во јавност, од Фондот за ПИОМ тогаш појаснуваа дека испратиле известување до Одделението за исплата на пензии во Скопје, од каде барале лична карта од жената и оформен документ за живот, но таа наводно не доставила лична карта.

– Доколку жената се јави, ние ќе го оформиме предметот и ќе го доставиме до Скопје со што нејзиниот проблем се решава, тврдеа од Фондот.

Сличен случај се најде во центарот на вниманието и годинава, во февруари, кога велешанецот Трајче Начеров исто така остана без пензија, бидејќи во скопската дирекција на ПИОМ му кажале дека човек со тие податоци не е повеќе помеѓу живите.

-Нема пензија, починат сте, ама дури треба и да вратите пари, оти Фондот ви исплатил пари за погреб! Сте си зеле отпремнина, ако умрете ние 35.000 денари даваме, ми рекоа службениците, а јас не само што не сум зел денар, туку и пензијата не можев да си ја земам, раскажуваше вознемирениот велешанец пред камерите на ТВ24.
На крај, се утврдило дека е направена грешка при внесување на податоци, и тој бил заведен дека починал, наместо негова сограѓанка, која навистина починала.

Во Кочани пред неколку години пак, починал таткото, а по грешка синот бил заведен како починат. Уште една административна голгота и обиди да се докажува пред институциите дека си жив.

Ова се само дел од трагикомичните сведоштва на луѓе од Македонија, кои на некој начин му послужиле како инспирација на авторот Марјан Анѓеловски, кој во јуни 2022 година ја промовираше кингата ,,Среќен мртовец”, сатирична драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал.
Од тој момент неговиот живот се претвора во пекол и борба со нефункционалниот државен систем, бирократија и административни лавиринти. Преку еден апсурден начин, во својата борба да докаже дека е жив, Живко го соголува до гола кожа државниот апарат и сите негови слабости.

Од декември минатата година, започна изведбата на тетарската претстава ,,Среќен мртовец” работена според истоимениот драмски текст на Марјан Анѓеловски, а со главна улога на Благоја Чоревски.

За претставата има огромен интерес, и веќе играше во Штип и неколкупати во Скопје.

Авторот Анѓеловски за ,,Фокус” вели дека иако ликовите се измислени, сепак инспирацијата ја добил токму од сличните случаи на кои сведочеше македонската јавност.

-Случајот со човекот од Кочани, случајот со жената од Штип, овие нереални ситуации со кои се соочил македонскиот граѓанин, па и сите административни лавиринти, сето тоа придонесе да се создаде ,,Среќен мртовец”.
Интересот за претставата е голем, прекрасна публика, што многу ме радува, и продолжуваме низ градовите во земјава. Наскоро ќе гостуваме во Гостивар, во план ни се повеќе градови периодов.

Ете, едни вакви немили ситуации, пренесени на театарските штици, сепак се покажаа како интересна тема за публиката која ги полни салите.
Наместо Извод од матична книга на венчани се добива по грешка Извод од матична книга на умрените, се водат битки за да се докаже дека си жив, сите тие настани, кои за жал се случиле и се уште се случуваат, се главните ,,виновници,, за книгата и театарската претстава – вели Анѓеловски.

Драмата „Среќен мртовец“ освои европска трета награда на „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма и превод во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година.

Доајенот Чоревски пак, кој го игра живиот мртовец Живко во претставата, во јануари доби Орден за заслуги од претседателот Стево Пендаровски. Покрај него, во претставата играат и Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стамевска, Огнен Велевски и Јасмин Рамани, а истата е во продукција на алтернативниот театар „Отпишани“.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости