Периодов интензивно се работи во новата населба Бел Камен во Кавадарци и се пробиваат, тампонираат и асфалтираат нови улици, а се поставува и улично осветлување.
Потоа, како што изјави градоначалникот Митко Јанчев, следи уредување на паркови, зелени површини и рекреативни катчиња за најмладите.
Појаснува дека има голем интерес од страна на граѓаните за оваа населба и се издавале околу 20 градежни дозволи годишно.
-Поради тоа што невработеноста во Општина Кавадарци изнесува околу четири проценти, а се работи и за земјоделски развиен регион, тенденцијата за купување на станови е голема, како кај кавадарчани, така и кај луѓе од други општини.
Во моментов на повеќе локации се градат колективни згради, годинава ќе ја завршиме со околу 120 издадени градежни дозволи за индивидуални домови, комерцијални објекти, згради… Се асфалтираат улици, се прават спортски игралишта, детски катчиња, немаме рестрикции на вода, освен кога станува збор за дефект. Градот станува посакувано место за живеење– раскажува Јанчев.
Додава дека од месец октомври општината ќе добие јавен градски превоз, и со осум автобуси ќе се врши превоз на патници од една до друга населба, но и од и до околните села. Билетите ќе бидат со иста цена како за градско возење, така и за возење до околните населби, надвор од градот.
Вики Клинчарова