Жители на Црвени Брегови, Неготино, моментално среде најголемите жештини протестираат пред општинската зграда во Неготино. За „Фокус“ појаснуваат дека дошле со комбе, во обид да се слушнат нивните проблеми, но и да се изнајде решение што е можно побргу, бидејќи речиси цела недела живееле без вода.
-Секое лето иста песна. Се случува да немаме вода со денови и недели. Еве сега, речиси цела недела сме оставени без вода. Доаѓа цистерна од која полниме вода за пиење, но тоа не е решение. Децата ни се разболеа, повраќаат, со стомачни вируси се мачиме среде жега. Не е човечно да се молиме за нашето основно право, вода за пиење да бараме! Веќе половина час сме пред општинската зграда, чекаме градоначалникот Тони Делков да не повика на средба. Ни кажаа дека ќе не прими. Ако треба, и цела ноќ ќе останеме овде – вели Мирвет од Црвени Брегови.
Револтираните луѓе велат дека се чувствуваат како да се заборавени од целиот свет. Појаснуваат дека не се живее без вода за пиење и бараат одговори од надлежните кога ќе им биде решен проблемот.
Рестрикциите на водата за пиење не се ништо ново во општината. До пред неколку години беа секојдневие, а оние со подлабок џеб си го решија проблемот поставувајќи хидрофори во домовите.
Пред околу две години, беше саниран дефект во Ваташа, кој пред тоа не бил откриен, а поради кој се губеле околу 10 литри вода во секунда. Беше поставена шахта, и започна да се работи на санирање на останатите дефекти поради кои се губела водата на повеќе локации.
Тогаш, во координација со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, на Бојанчиште беа одвоени 20 литри вода во секунда и транспортирани во главниот цевковод на Лукар, а Бојанчиште од други извори доби доход на вода.
Сепак, иако состојбата околу водоснабдувањето во Неготино значително се подобри, се уште се случува да нема доволно притисок, или пак да има рестрикции.
Минатата недела од ЈП Комуналец информираа дека поради жештините, ќе има ноќни рестрикции од 11 часот навечер до пет наутро.
-Дали во Европа се влегува без вода за пиење? – по кој знае кој пат прашуваат револтираните луѓе.
Пред објавата на текстот, беа примени внатре, во општинската зграда, каде моментално чекаат средба со градоначалникот.
Вики Клинчарова