Со повлекувањето на законот за учебници референдум нема да има, а промени ќе има

by fokus

Со повлекувањето на Предлогот на законот за учебници референдумот којшто го најавуваше иницијативата „Учебници и настава мора да има“ станува беспредметен, а од Министерството за образование и наука пак се децидни дека иако предлогот е повлечен наставата за учениците од прво и четврто одделение од 1 септември ќе биде според новата концепција.

Во дописот што го испратил претседателот на Собрание, Талат Џафери до Граѓанската иницијатива, освен што ги известува дека предлог законот е повлечен исто така им укажува и дека после овој чекор, референдумот би бил беспредметен.

-Ве известувам дека Владата на Република Северна Македонија со допис заведен под број 08-2167/3 од 30 јуни 2021 година, ме извести дека Предлогот на закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование, примен и заведен во Собранието на 29 април 2021 година под број 08-2167/1 го повлекува. Од овие причини Граѓанската иницијатива за распишување на референдум за одлучување на државно ниво доставена преку Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, со предлог за референдум заради директно и непосредно изјаснување на волјата на граѓаните за предложениот нацрт закон за учебници и наставни материјали во основното и средното образование е беспредметна, пишува во дописот.

Од Владата за Фокус објаснуваат дека сепак МОН продолжува со имплементирање на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение.

-Наставата ќе се имплементира согласно новата Концепција и по нови материјали за учење кои ќе дадат подобри резултати по однос на знаењето на учениците. Новите наставни програми за прво и четврто одделение се веќе усвоени и јавно достапни, со што сите дезинформации и шпекулации врзани за нивната содржина, а креирани од одредени центри, најчесто од сферата на политиката, беа целосно демантирани, исто како и лажните вести врзани за Концепцијата. Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата., додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија, велат од Влада.

Исто така информираат дека во постапка е набавката на 10 илјади таблет компјутери, а се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта, кои се за погорните одделенија со цел училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години.

Предлог законот ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог и или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно – образовен процес.

Потоа конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собрание. Опозицијата пак бара оставка од министерката за образование, Мила Царовска.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости