Единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот, велат од Влада за Џафери

by fokus

Владата не го коментира конкретно обраќањето на собранискиот спикер на албански јазик пред меѓународните институции, но вели дека единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот.

-Единствен официјален службен јазик на Северна Македонија за меѓународна употреба е македонскиот јазик, што е прецизно утврдено со Уставот. За коментар по однос на околностите под кои се реализираат настапите на претставниците на институциите кои не се дел од извршната власт, ве упатуваме да ги контактирате соодветните институции, велат од Владата за Фокус.

Фокус се обиде да стапи во контакт со Џафери и преку смс порака го прашавме дали смета дека со обраќањето на албански јазик го прекршил Уставот, но одговор не добивме.

Пред неколку дена Џафери пред Комитетот за надворешна политика на ЕП се обрати на албански јазик. ВМРО-ДПМНЕ најави кривична пријава, а Левица со поддршка од ВМРО, интерпелација за Џафери.

Професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, остро го критикуваше однесувањето на претседателот на Собранието и рече дека со тоа Џафери го прекршил Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за истото треба да одговара. Таа ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

-Претседателот на Собранието Талат Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам имено тој зборуваше на албански јазик, би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, Член 1 во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, рече пратеничката Силјановска Давкова.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости