ЗХГ: БРТ не смее да ги уништи „белите дробови“ на Скопје и да го доведе во ризик водоснабдувањето од Рашче

by irena 14:37
14:37

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски пред неколку дена информираше дека Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) официјално го одблокирала проектот за брз автобуски превоз (БРТ), изработен во времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Според проектот, првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче е предвидено да поминува низ средишната жардиниера на булеварот „Партизански одреди“, каде што се наоѓа и главната водоводна цевка на градот, реагира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ), која се спротивставува на ваквото решение поради сечење на дрвја и уништување на зеленилото.

Од ЗХГ посочуваат дека не е точно оти проектот мора да се реализира во постојната форма, нагласувајќи дека со неговата примена би се уништиле околу 7.000 дрвја и грмушки во еден од најзагадените градови во светот. Тие потсетуваат дека ЕБОР и во минатото поддржувал проекти со сериозни еколошки последици, како случајот со експресниот пат низ Националниот парк Галичица, кој беше стопиран по реакција на граѓанскиот сектор.

„Многу поедноставно и поевтино решение е БРТ да се реализира со издвојување на десна лента од постојните сообраќајни ленти, без да се зафаќа средишното зеленило и без долготрајно блокирање на градот“, велат од „Зелен хуман град“.

Од иницијативата дополнително предупредуваат дека под средишното зеленило минува главната водоводна цевка која го снабдува Скопје со вода за пиење од изворот Рашче, оценувајќи дека станува збор за инфраструктурен објект од стратешко значење кој не смее да биде доведен во ризик.

Слични вести