За мене, за стручната јавност како и за министерот за локална самоуправа, спорните ДУП-ови остануваат нелегитимни, незаконски, противуставни и ништовни!
Ова на денешната прес-конференција го изјави градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, во врска со спорните урбанистички планови од кои во еден е предвидена изградба на десеткатница на Водно.
Жерновски рече дека вчера до Уставниот суд поднел Иницијатива за поведување постапка за утврдување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки за спорните ДУП-ови, во која, предлага, Уставниот суд, да ги поништи истите.
Во текот на вчерашниот ден, градоначалникот Жерновски упатил и известување до Министерот за локална самоуправа, со барање за запирање на оспорените одлуки.
„Сметам дека аргументите се на моја страна, на страна на Општината, но што е и најважно, на страна на граѓаните на Општина Центар. Како потврда на ова, имам информации кои потврдуваат дека граѓаните се подготвуваат да поднесат поединечни иницијативи до Уставниот суд за оспорените одлуки за спорните ДУП-ови“, рече Жерновски.