Заев не очекува нови Солзи и Рози

by Фокус 16:11
16:11

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешниот брифинг со новинарите потенцираше дека не очекува некој друг од останатите 31. пратеник од редовите на опозицијата да влезе во Парламентот по примерот на Љубица Буралиева, Солза Грчева и на Роза Топузовска- Каревска.

– Немаме сигнали дека некој друг ќе ги следи нивните стапки, а вчера на Централниот одбор само го спроведовме статутот кој предвидува да се исклучат оние кои нема да ги почитуваат партиските одлуки – објасни Заев и додаде дека опозицијата го нема тој луксуз во моментов да се преокупира со кадровски решенија.

- Advertising -

Според него и денешното објавување на стратегијата на опозицијата премиерот може да го сфати како покана за преговори и дека тој нема суета да го повика Никола Груевски на разговори.

– Прво да седнеме да разговараме, па потоа да видиме колку нашите барања се аргументирани. Новата стратегијата не значи дека веднаш бараме парламентарни избори, бидејќи поважно е прво да го демократизираме општеството, оти без тоа џабе ни е ново гласање. Ние пред изборите безусловно и по оној 24. декември се вративме во Парламентот и заедно со власта го менувавме Изборниот законик, меѓутоа на самите избори бевме изманипулирани и изиграни бидејќи законот не се почитуваше – објасни Заев и најави од понеделник серија на пресконференции и активности со кои будно ќе се следи работата на власта.

На новинарското прашање зошто опозицинерите не одат во Собрание, а земаат плати тој одговори дека парите за платите не се од „мајка му на Груевски“, туку дека тоа се средства на граѓаните. Според него, ако опозиционерите не одат во Собрание, тоа не значи дека нема да следат што се случува и дека нема да реагираат на секој закон кој ќе поминува низ Собранието.

–  Не е чесно и не е фер од некого да се бара да биде авангарда во борбата против оваа власт, а притоа тој и неговите деца да трпат за леб – смета Заев.

Лидерот на СДСМ потенцираше дека во процесот на демократизација мора да се исчисти избирачкиот список и да се спроведе пописот. Со новата стратегија, преку средбите со граѓаните тој очекува да се охрабрат обичните луѓе, но пред сѐ интелектуалците.

Поврзани новости