Заев: Почнуваме конкретно да дејствуваме!

by Фокус

Претседателот на СДСМ Зоран Заев објави дека од денеска официјално ќе почне да се работи на новата Стратегија за политичко делување, која вчера била усвоена на седницата на Централниот одбор. По разговорите со членството и со граѓаните, како што рече Заев, усвоени биле конкретните насоки за дејствување на СДСМ.

„Целта е јасна, да ја извлечеме државата од бесперспективноста што не задушува сите нас, сите овие години на контролирано и манипулациско владеење. Да ја вратиме земјата на нормален колосек, каде што заслужува, како дел од европското семејство и НАТО“, рече Заев.

Тој призна дека критиките од јавноста на сметка на СДСМ биле оправдани, бидејќи граѓаните барале видлива и активна опозиција.

„Направивме внимателна и професионална анализа за тоа што и е потребно на Македонија. Мотивирани повеќе од кога било дека на граѓаните и на државата им е потребна СДСМ, бидејки со штетните политики на актуелната власт е загрозена егзистенцијата на милион граѓани, но и иднината на државата, максимално се фокусиравме на тоа што ние како партија имаме обврска да го сработиме“, рече тој.

Стратегијата на СДСМ, според Заев, се базира на 4 столба:

Првиот столб носи наслов „Работиме заедно“. Затоа што интензивно ќе работиме заедно. Тоа ќе биде партнерски однос на слушање на потребите и проблемите и заедничко дефинирање реални и прифатливи решенија. Овој столб ќе биде коренита промена во однос на тековното функционирање на опозицијата. Над 5.000 тимови ќе бидат во контакт со секое семејство во државата. На луѓето ќе им понудиме шанса да кажат што мислат и тие да влијаат на она што и се случува на Македонија.

Вториот столб е наречен „Чесна понуда“. Власта ќе биде е ставена под сериозна лупа на СДСМ. Ние и досега откривме бројни корупциски афери, врзани за највисокиот врв на власта, што донесоа до рекорден долг на државата и незапаматена сиромаштија. За вакви случаи, во секоја нормална држава паѓаат влади. Но, Македонија одамна не е тоа. Од овој момент, секое министертство, орган, институција, на централно и на локално ниво ќе бидат следени во секоја одлука што се однесува на животот на граѓаните на Македонија, а лошите и штетни политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна, реална и видлива алтернатива.

За таа цел започнуваме со формирање Централен систем на комисии. Тие ќе бидат пандан на владината министерска структура. Над 1 000 стручни екипи, со авторитет и одговорност, на граѓаните ќе им ја приближат визијата за поинаква Македонија: држава на сите и за сите, држава со еднакви шанси, држава на достоинствен животен стандард и посилна економија.

Третиот и четвртиот столб од Стратегијата се: „Силна СДСМ“ и „Партнерства за демократска Македонија“ на коишто партијата веќе работи“, соопшти Заев.

На Стратегијата работеле четири тима, направени биле повеќе од 100 поединечни консултации со признати експерти во различни области, SWOT анализи и тестови на политиките на СДСМ.

Поврзани новости