Градоначалникот Андреј Жерновски го обвини премиерот Никола Груевски, како идеолог на проектот, дека оградата намерно не се поставувала пред изборите, за да не се револтира народот, бидејќи чини неверојатни 1,8 милиони евра.
-Пред две години, Коце Трајановски изјави дека оградата за овој мост ќе чини „само“ еден милон евра, потоа од кабинетот на градоначалникот беше објавена инфорамција дека оградата ќе чини 1,8 милиони евра, за да еден месец пред изборите оваа цена се намали на 1.180.000 евра. Оваа ограда се чува во тајност, а очигледно е дека намерата е да не се вознемири јавноста пред избори, рече Жерновски.
Тој направи споредба на цената на оградата, со оние кои биле изработени во времето на градоначалникот Ристо Пенов.
-Во тоа време се изградија мостовите кај Хром и мостот „Близнаци“, тие вкупно чинеа 1,5 милиони евра, а овде се работи за милонска ограда, истакна Жерновски, прашувајќи каде отишле парите на граѓаните.
Пред десетина дена, пак, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, истакна дека оградата ќе биде поставена во текот на летото, бидејќи се правеле последните доработки. Тогаш градоначалникот истакна дека оградата нема да има скулптури, но сепак на фотографиите кои ги објави Жерносвки, се гледаат и колку скулптури. Фотографиите исто така сведочат дека оградата изобилува со антички мотиви, како штитови, етно мотиви и неколку женски фигури.
За леење на оградата, веќе две години, се задолжени скопски „РЖ Институт“ и белградската леарница „Јеремиќ“, за која во Србија, уште пред неколку месеци се поведе кривична постапка, поради наводна вмешаност во корупциски скандал.
Жерновски најави дека во наредниот период ќе објави уште неколку фотографии, снимени во неколку тајни депоа во Скопје, каде што наводно се наоѓаат нови скулптури од проектот „Скопје 2014“.