Демонтажа!

by lali 13:48
13:48

Вистинска бомба во политичкиот простор фрли Зоран Заев на полувремето меѓу првиот и вториот изборен круг. Тоа што пред неколку месеци го почна Петре Шилегов се чини дека финишира со аферата за продажбата на Македонска банка.

Десетици криминали и афери завршуваат со мегаскандал во кој се споменува името на Никола Груевски, човекот кој е премиер во последните осум години. Обвинувањата се големи. Ако се вистинити, кога во државата ќе се врати владеењето на правото премиерот ќе заврши таму каде што има завршено Иво Санадер.

- Advertisements -

Власта ја обвинува опозицијата дека фамозната снимка, на која Груевски преку посредникот се договора со Нини за кеш од 1,5 милион евра од продажбата на банката, е монтажа. Опозицијата одговори со тоа што веднаш ја понуди снимката на вештачење за да се утврди веродостојноста на материјалот. Груевски најави тужба за Заев, а тој најави нови афери…

Тензијата е крената до небо и, се чини, од ден на ден сè уште ќе расте! Паниката во ДПМНЕ е голема, а поради тоа очекувам уште побрутален изборен циклус на 27-ми овој месец. Лидерот на опозицијата како да тргнал на сè или ништо, а премиерот е на мака како да го прекине излегувањето на аферите.

ЧУДНИ ЛИ ПОЛИТИЧКИ ФАЦИ!

Во меѓувреме, драги мои, чудно е и однесувањето на другите политички фаци. Некако се тивки „опозиционерите“ Стефчо Јакимовски и Владо Бучковски, а чудно е и однесувањето на Мендух Тачи, кој веќе се фали дека ќе биде дел од владата на Груевски. Никаква нивна реакција за аудиоснимката!

Различно чуден е Али Ахмети, кој на еден митинг порача: „Диктатурата е само привремена!“. Како да испрати порака до неговиот премиер дека, ако не се вразуми, може да заврши и како Слободан Милошевиќ!

Дека кај нас многу нешта се чудни, а малку се нормални, можевме да се увериме последнава недела. Прво, приказната на мегааферата не доби свое место ниту на МРТВ, ниту на приватните Сител, Канал 5 и Алфа. Па, дали ние тоа живееме во Северна Кореја!?

Да биде иронијата поголема, Зоран Трајчевски, претседател на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги деновиве изнесе тврдење дека Телма и 24 Вести манипулирале со гласачите во своето известување, а пројави и омаловажување кон ОБСЕ!!! Зар некој уште има сомнеж дека во Македонија е воведена диктатура?

Ако национални медиуми не објавуваат мегаскандал, за кој веќе се збори во регионот, само затоа што тоа не е по мерка на премиерот и ако еден Зоран Трајчевски така дрско може да си дозволи да го омаловажува ОБСЕ и да ги етикетира Телма и 24 Вести, тогаш демократското уредување одамна ја има напуштено оваа држава.

Шлаг на сè е однесувањето на Јавниот обвинител, кој за една ваква афера во нормална држава ќе беше на сите телевизии и веќе ќе даваше резултати од првите чекори во расветлувањето на случајот, без разлика на исходот од него!

ТЕНЗИИТЕ РАСТАТ, ВЛАСТА Е СЀ ПОАГРЕСИВНА

Паралелно со ова ДПМНЕ произведува други проблеми кои ја тресат државата. Симпатизери на ДПМНЕ, славејќи ја победата, нападнаа албанско семејство во населбата Радишани. Покрај тепањето, биле испратени пораки: „Шиптари, одете си од Радишани!“ и „Шиптари, излезете да гласате!“

Полицијата, иако била во близина на случката, немала навремена реакција, а министерката дури за целиот инцидент рече дека е сообраќајна несреќа. Дали со ова Груевски и Јанкулоска испраќаат порака до меѓународниот фактор дека се спремни да произведат конфликт само за да останат на власт?

Не треба да објаснувам како сето ова може да се рефлектира во другите делови на Македонија, но уште појасно е дека ниту на МВР, ниту на ДПМНЕ, им е тоа важно. Многу случувања испраќаат лоши сигнали. Тензиите растат, власта е сè поагресивна, нема да има фер и демократски избори ниту на 27-ми; криминали се откриваат секој ден, а меѓународната заедница, баш како и нашата јавност, е нем посматрач на овие негативни случувања.

Дали снимката е монтажа или не, кој има дилема ќе види. Едно е сигурно, оваа афера по 1.000-ти пат ги симна маските на режимската власт. По 1.000-ти пат институциите, наместо во интерес на граѓаните, се ставаат во интерес на партијата, која, без маски, е уште поагресивна и посурова во демонтажата на секоја демократска нитка на ова општество. Или ние побрзо ќе ги демонтираме нив од власта, или тие ќе ја демонтираат Македонија!

Поврзани новости