Жерновски: Уставниот суд не постои, тоа е партиско –политизирана институција

by Фокус

Вчерашната одлука на Уставниот Суд да се прогласи за ненадлежен за иницијативата на општина Центар за оспорување на спорните ДУП-ови Тасино Чешмиче и Водно-Капиштец, е скандалозна, оцени Андреј Жерновски, градоначалникот на општина Центар.

Градоначалникот додаде дека сега се најтешките денови за македонското судство.

-Ова покажа дека не постои Уставен Суд, туку партиско-политизирана институција. Идните генерации на правници ќе ја учат одлуката како пример како политиката го узурпира правото. Смешни се објаснувањата дека Уставниот Суд ги гледал ДУП-овите само во делот кој се однесува на донесување на акт кој е номиниран во Законот за урбанистичко планирање. Уставниот Суд досега ценел и усогласесност со Град Скопје и со Законот за заштита на Охридското Езеро. Уште посмешен беше брифингот дека не се отворила расправа за инцијативата, затоа што уставните судии расправаат само за одлуки донесени со Бадентер. Досега, Уставниот Суд гледал одлуки кои што се донесени од општините Гевгелија, Охрид, Ресен…“, рече Жерновски.

Според него, врв е вчерашниот обид да се поврзе неприфаќањето на иницијативата, бидејќи тоа, наводно, потсетувало на црниот понеделник.

-ДУП-от е нелегално донесен. Не може ниеден судија да објасни или оправда како нечии 11 гласа имаат поголема тежина од нечии други 11 гласа. Државниот апарат контролира се’, па и судовите. Уставниот Суд наместо во заштита на граѓаните, се стави во заштита на партијата на власт. После оваа одлука очекувам да продолжи притисокот од инспекциите. Со ова Уставниот Суд се вклучи во изградба на десеткатницата на Водно, истакна Жерновски.

 

Поврзани новости