СДСМ бара неотповикливи оставки од Јолевски и од Котевски

by Фокус

Најголемата опозициска партија денеска побара министерот за одбрана, Зоран Јолевски и генералот Горанчо Котевски да поднесат неотповикливи оставки како чин на одговорност поради вчерашното трикратно убиство на професионалниот војник кој по злосторот се обеси.

– Професионалниот војник имал семејни проблеми, од семејството бил пријавуван повеќепати за физичко насилство. Против него имало и кривична пријава и јавна тајна била неговата состојба. И покрај ова, тој не бил лишен од дел од службените овластувања. Напротив, бил поставен да извршува сериозни задачи, му било дозволено да задолжи службено оружје и да задолжи муниција – аргументираше денеска Максим Димитриевски, претседател на Комисијата за одбрана на СДСМ.

Според него недозволив молкот на министерот за одбрана Зоран Јолевски, на началникот на Генерал Штабот Горанчо Котевски и на премиерот Никола Груевски.

– Во црно се две семејства на убиените и уште едно на професионалниот војник. МО и ГШ побрзаа преку соопштение да кажат дека војниот – убиец бил психофизички здрав, со што се вклучија во затајувањето на одговорноста за случајот. Нивното соопштение стигна, кога стигна и новата вест, дека по убиствата, војникот – убиец се самоубил! Професионалниот војник во работно време ги извршил убиствата. Успејал да го напушти стражарското место, а се што се случило потоа упатува дека неговото отусуство не било навреме регистрирано. Сето ова покажува дека комплетно затаил системот на контрола, не само здравствената служба, којашто дала одобрение војникот да служи стража, туку потфрлиле и други служби – смета Димитриевски.

Тој потсетува дека ова второ тројно убиство, за само еден месец, во коешто припадник на безбедносни сили, со службено оружје ја зема правдата во свои раце, потврдува сериозни пропусти во целиот безбедносен систем.

Поврзани новости