Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски не е изненаден, но е крајно разочаран од вчерашната одлука на Уставниот суд, без никакво образложение, во последен момент да ја повлече од дневен ред расправата за иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Советот на општина Центар за контроверзниот ДУП на Водно.
– Ова е скандалозна одлука, знам дека Уставниот суд е под притисок и затоа, во август месец, кога ја поднесувавме иницијативата, ги замолив да побегнат од канџите на политиката. Знам дека се барало од судиите да ја отфрлат иницијативата, но доказите се толку сеопфатни и прецизни, така што не можеле да одат против тоа. Со ова уште повеќе се подрива и онака нарушениот углед на Уставниот суд – изјави Жерновски.
Жерновски праша какви дополнителни докази може да бараат судиите и какво образложение ќе понудат, дека нечии 11 гласа вредат повеќе од други 11. Вчера, Оштина Центар ја посетиле три инспекции од различни области и како што рече, очекува наскоро инспекција и за овој предмет.
Со она што вчера го направи Уставниот суд се купува време и како што велат некои, оваа иницијатива нема „бел ден“ да види.
– Роковите се изминати, но јас ја чекам одлуката на Уставниот суд. Уставниот не успеа да избега од канџите на политиката – рече Жерновски.
За него, овој ДУП, кој предвидува изградба на десеткатен хотелски комплекс не е донесен.