Екстерното тестирање, доколку се изгласа, ќе биде наменето за студентите кои допрва ќе се запишат на факултет. Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски.
-Министерството за образование и наука внимателно и темелно ја спроведува оваа јавна расправа, се слушаат сите мислења, се прават анализи, споредби. Целта е да имаме нови генерации со посилно знаење и креативност, изјави денеска премиерот Груевски по одбележувањето 13 години од основање на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.
Тој смета дека намерите се добри, но секако, вели тие нема да се спроведат се додека не се направи една широка дебата во која ќе бидат вклучени студентите.
– Тие веќе се вклучени, затоа што Министерството за образование организираше такви настани, како со студентите така и со професорите. Ќе бидат вклучени сите можни фактори и од тој аспект ќе се слушне секое мислење и внимателно ќе се анализира, додаде Груевски.
Премиерот истакна дека студентите имаат право на различно мислење и право на протест и посочи оти тоа го почитува. Објасни и дека доколку се воведе оваа новина студентите ќе имаат право да полагаат се додека не положат.
– Не е точно, како што се појавија некои шпекулации, дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит во втора година. Нам целта ни е, вели, ако некој дошол до преодна оценка без знаење да биде натеран да научи. Сакаме да помогнеме да имаме нови генерации со посилно знаење и со поголема креативност, луѓе кои пред се за себе ќе си обезбедат подобри услови, а секако со поголемо знаење ќе бидат позначајни и за самото општество затоа што ќе имаат поголем придонес во него – Тоа е единствената цел, нагласи премиерот Груевски.