Во среде Скопје, г-ѓо министер, на пладне, среде бел ден, во центарот на главниот град, се уништи и се оштети имот на Општина Центар, односно имот на Република Македонија, се каменуваше институција на локалната самоуправа, беше повреден советник, едвај беше спречен линч на градоначалникот, советниците, новинарите и на вработените, но, единствено за Вас овој настан „не постои“, „ не се случил“!. Ова денеска ѝ го пиша Андреј Жерновски на министерката Гордана Јанкулоска во отворено писмо.
– Останува уште да ни кажете дека сами сме си го смислиле, а можеби и ќе не обвините и дека сами сме си го направиле. Како тргнале работите, сѐ е очекувано! Работите отишле дотаму, што на последната седница на Советот на Општина Центар, пред два дена, при разгледување на шестмесечниот извештај на Полициската станица Центар – Скопје, в.д. Командирот не упати да доставиме барање до Министерството за да можат да поведат постапка за идентификување на настанот?! – вели градоначалникот.
Жерновски ја потсетува министерката дека инцидентите се случија на 07-ми и на 10-ти јуни 2013 година, во моментот кога Советот на Општина Центар одржуваше редовни седници.
– Сакаа да го попречат нормалното одвивање на седниците, беше вандалски нападната Општина Центар, односно салата каде се одржуваа седниците и тоа со фрлање разни предмети, со каменување, со кршење на прозорци и врати, со нагрдување на Општинската зграда и уривање на заштитната ограда. Овој настан, почитувана г-ѓо министер, е регистриран преку фото-документацијата за состојбата во салата, но и преку камерите и фото-апаратите од страна на сите национални и странски медиуми, присутни во земјата. Иако во медиумите јавно се претстави организатор на протестите, како здружение „Веритас“, кое го немаше во евиденцијата во Централниот Регистар во тој период, иако според Командирот на Полициската станица – Центар – Скопје, протестот е сепак пријавен и тоа со допис без потпис и печат, спротивно на пропишаната процедура – потенцира лидерот на ЛДП.