Жерновски: Од денеска уште повеќе верувам дека правдата ќе ги стигне сите

by fokus 15:42
15:42

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, денеска даде исказ во Специјалното јавно обвинителство за случајот со демолирањето на општина Центар за кое во „бомбите“ се слушаше дека го нарачал лично тогашниот премиер Груевски, кој се слуша и како бара да му бидат удрени шамари на Жерновски.

-Од денеска уште повеќе верувам дека правдата ќе ги стигне сите. Не треба да одговараат само криминалците, туку треба да одговараат и насилниците. Од тие материјали можеме да увидиме дека не станува збор само за криминалец, туку и за насилник и кукавица. На таквите како Груевски не им е место во политиката. За таквите како него местото им е во поправни установи, а од ова што го слушнавме и во здравствени установи, изјави Жерновски по давањето на исказот.

Тој рече дека во СЈО дал исказ за случувањата од јули 2013 година, за тоа како се демолираше Општината, затоа што, како што рече тој, има од она што го приложивиле како докази дека учествувале луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ, а и регрутирани од јавните претпријатија.

-Сакам нешто јавно да му порачам на Груевски, јас не знам каков боксер си бил, но дознав дека никогаш не си учествувал во некој боксерски меч. Бидејќи јасно е дека наскоро ќе се видиме во судница, ќе имаме можност да видиме колку си храбар, бидејќи повеќе од очигледно е дека имаме нерасчистени сметки, порача Жерновски.

Поврзани новости