Жените извршуваат над 76% од неплатената работа на грижа – Конференцијата за трансформација на грижата отвора национален дијалог за системите за грижа во Северна Македонија
„UN Women“, во партнерство со националните институции и со поддршка на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство (ФЦДО) и Британската амбасада во Скопје, одржаа конференција на тема „Трансформација на системите за грижа во Северна Македонија преку инклузивен, родово-одговорен пристап”.
На конференцијата учествуваа клучните инволвирани страни со цел да се забрзаат реформите и да се зајакне економијата на грижа на земјата, со што се обезбеди платформа за дискусија за решенија на политиките, презентирање на клучни наоди и препораки за реформа на системот на грижа, како и споделување на европски и меѓународни добри практики.
Работата во областа на грижата и понатаму е една од главните пречки за родовата еднаквост во светот. На глобално ниво, жените извршуваат 76,2 проценти од неплатената работа на грижа и поминуваат во просек 3,2 пати повеќе време на неплатена грижа отколку мажите – што е еквивалентно на приближно 4 часа и 25 минути дневно во споредба со 1 час и 23 минути за мажите. Во Северна Македонија, жените и понатаму се одговорни за најголемиот дел од неплатените обврски за грижа, што го ограничува нивното учество на пазарот на труд и придонесува за постојаните родови нееднаквости.
„Денес Северна Македонија прави значаен стратешки пресврт преку инвестирање во економијата на грижа. Инвестираме во услуги за помош и нега во домот, лична асистенција, социјални услуги во заедницата и предучилишно образование. Овие политики имаат двоен ефект – создаваат нови работни места и истовремено им овозможуваат на жените поголемо и поактивно учество на пазарот на труд. Северна Македонија останува цврсто посветена на визијата за општество кое се грижи за луѓето, затоа што само општество што инвестира во грижата може да гради одржлива, праведна и просперитетна иднина“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
„Обединетото Кралство ја потврди својата посветеност на унапредување на родовата еднаквост во Северна Македонија, истакнувајќи го поширокото влијание врз економското учество на жените преку својата поддршка на проектот „Transform Care“, кој се спроведува во партнерство со UN Women. Обединетото Кралство работи како дел од пошироки напори за унапредување на зајакнувањето на жените и отстранување на структурните бариери кои го ограничуваат учеството на жените во економијата.
Преку подобрување на пристапот до достапни и квалитетни услуги за грижа, проектот придонесува за создавање услови повеќе жени да влезат, да останат и да напредуваат на пазарот на трудот, со што се отклучува економскиот потенцијал и се поддржува инклузивниот раст. Оваа активност е дел од поширокото портфолио на Обединетото Кралство за жени и девојчиња во Северна Македонија, кое е насочено кон унапредување на еднаквите можности, поддршка на лидерството на жените, елиминација на насилството врз жените и девојчињата и адресирање на основните нееднаквости кои го ограничуваат учеството во јавниот и економскиот живот“, изјави Даниел Фајлер, вршител на должност во Британската амбасада во Скопје.
„Неплатената работа на грижа е невидлива – времето посветено на грижа за деца, стари и болни роднини, вклучително и времето поминато на домашни обврски, се меѓу главните пречки за рамноправно учество на жените на пазарот на труд и на раководни позиции. Според тоа, трансформацијата на системот за грижа е од клучна важност за економското зајакнување на жените, но и за зајакнување на економијата на земјата“, изјави Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Скопје.