Започна битката на работниците од игрите на среќа: Нема да дозволиме да бидеме жртви на нечии бизнис интереси

by irena 16:26
16:26

Со транспаренти и јасна порака до институциите, стотици вработени во индустријата за игри на среќа денеска излегоа на предупредувачки протест. Тие одбиваат да бидат тивки жртви на новиот предлог-закон кој предвидува затворање на легалните објекти и остава 10.000 семејства без егзистенција. Преку денешниот собир, Здружението на вработени „Сакам да работам“ алармираше дека игнорирањето на нивниот глас нема да помине тивко и најавија порадикални чекори доколку Собранието не го повлече спорното законско решение.

Од „Сакам да работам“ предупредија дека покрај згаснување на легалната индустрија, законот се заканува да стане и социјална бомба за целата држава.

„Доколку се усвои предлогот на Владата, 10.000 вработени во овој сектор ќе останеме на улица, а тоа значи дека заедно со нашите семејства ќе станеме 35.000 нови кандидати за иселување надвор од земјата. Каде ние да се вработиме? Нашите работодавачи ни обезбедија обуки и професионално усовршување по највисоки европски и светски стандарди. Ако овој сектор престане да постои, ние ќе немаме друг избор освен да аплицираме во странство за да работиме на места за кои сме се обучиле“, истакна Оливера Костова, претставничка на „Сакам да работам“..

Таа директно го разби и митот дека овој закон се носи за да се заштити младината, посочувајќи ја вистинската опасност која државата свесно ја игнорира.

„Долг период игрите на среќа се цел на негативна кампања. Ние не сме закана за младината. Закана за младината е популизмот кој, затворајќи ги легалните објекти, ќе ги направи младите лесен плен на играчници на црно кои ќе се одвиваат по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола“, децидна е Костова.

Зад секој политички говор за „воведување ред“ и зад секој предлог-закон донесен набрзина и далеку од очите на јавноста, стојат реални луѓе. Луѓе со семејства, со кредити, луѓе кои секое утро одат на работа за чесно да си го заработат лебот.

„Дали некој се запрашал какво е чувството да се живее во ваква агонија и постојан немир? Од оваа работа ние чесно го вадиме нашиот леб. Ова е за нас единствен стабилен приход и надлежните мора да разберат дека овој предлог-закон удира врз реални човечки судбини. Сите ние имаме кредити за плаќање, подмируваме кирии и сметки, издржуваме семејства“, порача Стеван Крстевски, претставник на „Сакам да работам“.

Тој јасно потенцираше дека работниците се уморни од тоа да бидат заложници на политичките калкулации и бизнис интереси, кои се кршат исклучиво преку нивниот грб.

„Цели 8 години сме жртви на секоја политика, на секоја Влада, за нечии лични бизнис интереси. Секој што сака да ќари евтини политички поени, удира по нашиот грб. Осум години секој што ќе стигне нè држи во заложништво. Оставени сме во целосна неизвесност и секој ден живееме во страв дали утре нашиот објект ќе биде затворен и дали нашите работни места ќе постојат“, рече Крстевски и додаде дека доколку Владата итно не најде решение, работниците и нивните семејства масовно ќе излезат на улица.

Предупредувачкиот протест заврши со јасен апел до Собранието и Владата итно да биде повлечен спорниот предлог-закон и да се отвори реална дебата со засегнатите страни.

Слични вести