Во Македонија жените се за околу 18 проценти помалку платени од мажите за иста работа и исти квалификации, а помалку учестуваат на пазарот на труд од мажите со околу 25 проценти. Исто така, жените поминуваат околу 2,5 часа повеќе работејќи неплатена работа од мажите.
Ова се дел од податоците што ги изнесоа учесниците на тркалезна маса посветена на „Стратегијата за воведување родово одговорно буџетирање – 5 години потоа”. Податоците, сметаат, укажуваат дека постигнатите резултати се недоволни и оти треба да се работи, не само на донесување закони и стратегии, туку и на примена преку соодветно родово одговорно буџетирање.
Министерката за труд и социјална политика истакна дека Владата има вистинска, а не само декларативна заложба за подобрување на состојбите во родовата еднаквост, преку родово одговорно буџетирање, кое, рече, е клучниот показател за реалните залагања.
– Јас како министер и како координатор за воспоставување родова еднаквост ќе се залагам работите да се прават на вистински начин – истакна Царовска.
Извор: МИА