Борче не го дочека лекувањето: Почина насмеаното момче од Валандово

by fokus 13:08
13:08

Младиот Борче Проданов од Валандово, за чие лекување изминатиов период се собираа донации од хумани граѓани и се одржаа голем број на добротворни настани, ја изгуби битката со болеста. Веста за неговата смрт ја објавија негови пријатели и роднини на социјалните мрежи.

Пред само десеттина дена во МОБ во Скопје се одржа модна ревија на креаторот Мите Занов, на која се собираа потребните средства за лекувањето на Борче (23), чија дијагноза беше dystrophy musculorum progressive, односно болест која ѓи напаѓа клетките на мускулите, со што престанува нивната функција. Во недела, на 24- ти, на хуманитарен концерт кој ќе се одржи во Валандово, било планирано да се постават кутии за донации за него, но веста ги затекнала сите вклучени во настанот.

- Advertisements -

Негови блиски изминатиов период во повеќе наврати апелираа до јавноста да донира, бидејќи им биле потребни 25.000 евра за лекување во странство.

Имено, на единаесет годишна возраст болеста ги нападнала мускулите на нозете на Борче, по што тој останал во инвалидска количка. Единствениот спас семејството го гледало во лекувањето надвор од земјава, потенцирајќи дека постои опасност болеста да премине во напредна фаза.

„Беше толку полн со живот и надеж, насмеан и покрај сите маки. Сестра му сакаше да го носи на лекување во Турција. Имаше многу планови, но не дочека да замине на лекување“ – ни изјавија негови блиски пријатели, потресени поради загубата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости