Македонија има најмал буџет за бесплатна правна помош, тоа мора да се смени порача европскиот амбасадор во земјава, Самуел Жбогар.
„Министерството за правда треба да ги зајакне капацитетите и треба да се работи на децентрализација за сите да имаат пристап до правдата. Потребен е закон за бесплатна правна помош“, изјави Жбогар.
И покрај законот за бесплатна правна помош кој е усвоен од Собранието во 2011 година, истражувањето на фондацијата „Отворено општество“ поддржано од ЕУ, покажува дека граѓаните не се добро информирани за ова нивно право.
„Во моментов, многу граѓани воопшто не примаат, односно ги примаат предоцна бесплатните правни совети. Дури, последните извештаи на Европската комисија за ефикасноста на правдата покажуваат дека Македонија издвојува помалку финансии од буџетот за овој вид на совети во регионот. Затоа, треба да се направи повеќе за граѓаните да бидат информирани за бесплатните совети“, вели Жбогар.
За една година за проектот „Пристап до правда во Македонија“ се издвоени 126.000 евра од касата на Европската унија.