Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп и советник во Белата куќа Џаред Кушнер, предлагал воспоставување на тајна „комуникациска врска“ со Москва, само еден месец по победата на Трамп на изборите, открива „Вашингтон Пост“.
Извори на кои се повикува весникот, изјавиле дека Кушнер (36) ваквите свои предлози му ги објаснил на рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кисљак, во текот на разговорот во „Трамп Билдинг“ во Њујорк, во декември минатата година.
САД и Русија и порано имале „жешка линија“ за комуникација далеку од јавноста, но никогаш досега, ниту еден Американец не предлагал тајната комуникациска врска, овој пат на транзицискиот тим на штотуку избраниот претседател, да оди со Москва, преку опремата и техниката на руските дипломати во Америка, што значи тајно и затскриено од властите на САД.
Според планот на Кушнер, ваквата врска требало да трае до инаугурацијата на Трамп за претседател и влегувањето во Белата куќа.
Весникот пишува дека амбасадорот на Русија ја пренел веднаш пораката до Москва, но се тврди дека останал вчудоневиден што Американец на толку висока позиција предлага сето тоа се одвива преку руските тајни линии.
На средбата на која се зборувало за ова, присуствувал и генералот Мајкл Флин, кој потоа ќе биде именуван за советник за национална безбедност, иако на таа функција ќе остане само 24 денови.
Темите за кои се зборувало на средбата Кушнер-Кисљак и за кои била потребна тајната комункациска врска, се однесувале на Сирија, но и на санкциите.
Медиумите претходно открија дека зетот на претседателот зборувал и со руски банкар кој е на списокот на санкционирани лица, поради анексијата на Крим и руската интервенциа во источна Украина.
Медиумите во САД забележуваат дека засега нема никаква реакција од Кушнер.
Тој се наоѓа под „специјална контрола“ на ФБИ за истрагата околу „руските врски“ и мешањето на Москва во изборите во САД минатата година, но не е осомничен за никакво кривично дело.
Истражните органи веруваат дека Џаред Кушнер, кој е оженет со ќерката на претседателот, Иванка, која и самата е неплатен советник во Белата куќа, има значајни информации за истргата што е во тек.
Претседателот Трамп има голема доверба во својот зет, па во политичката јавност на САД тој веќе се посочува како „државен секретар за се во администрацијата“ бидејќи е вклучен во сите работи поврзани со надворешната, безбедносната и одбранбената политика и во бизнисот и економијата, иако за него се вели дека нема никакво политичко и воено искуство.