Трошењето на парите на ЕУ во земјава е под лупа на истражителите откако во последниве 5 години, од 36 истраги во земјите од Западен Балкан, половината се во Северна Македонија.
Се очекува истражители на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) за брзо време да дојдат во Скопје, дознава Радио Слободна Европа од домашни извори вклучени во истрагата.
Според податоците објавени во годишните извештаи на ОЛАФ, земја со најголем број истраги започнати на Западен Балкан е Северна Македонија.
„Од започнатите истраги, ОЛАФ достави седум препораки до европските институции и македонските власти“, се вели во известувањето од ОЛАФ.
Според извештаите, ова значи дека од 18 истраги за пет години, 7 се затворени, а ако се гледа по години 2021 била годината кога се отворени најмногу, 8 истраги за евентуални злоупотреби на европски пари.
Три од овие истраги се затворени со имплементација на препораките на ОЛАФ. Минатата година биле отворени 4 а затворени 3 истраги, 2020–та е отворена само една истрага која се уште не е завршена, 2019 та се отворени 3 и исто толку не се затворени, а во 2018 две се отворени, а само една затворена.
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир смета дека луѓето кои што ги злоупотребуваат парите на европските даночни обврзници всушност ги мамат и граѓаните на Северна Македонија. Вели дека ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство.
„ Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Северна Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги“ рече Гир.