Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се обиде да го измами американскиот претседател Доналд Трамп за време на претстојниот состанок на лидерите на Русија и САД, што ќе се одржи во Аљаска овој петок.
-Ја разбираме намерата на Русите да ја измамат Америка, но тоа нема да го дозволиме. Многу ја ценам решеноста на претседателот Трамп да ја запре војната и да спасува животи. Секојдневно многу луѓе ги губат животите – рече Зеленски.
Тој додаде дека „единствениот вистински причинител на овие убиства е Путиновата желба да се бори и да манипулира со сите со кои дојде во контакт“.
-Ние во Украина добро ја познаваме Русија и затоа Украинците издржаа повеќе од три години војна во целосен интензитет – истакна Зеленски.
Долгоочекуваниот самит во Аљаска се одржува во време кога Трамп се обидува да го притисне Путин да го запре својот општ воен поход против Украина.