Не може да биде разумна и праведна војната во која кукавички, од заседа, се убиени припадници на безбедносните сили, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на неговиот коалициски партнер од ВЛЕН, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, дека војната на УЧК била праведна, разумна и чиста.
-Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде разумна и праведна. Не може некој кој од заседа кукавички одземал животи и убивал припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, тоа не може да биде праведна и чесна војна, барем не во Македонија, не коментирам за соседството. Но, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно Законот за правична застапеност кој е во Венцијанската комисија, тој е затворен – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека во фокусот на Владата е иднината, а не минатото, и повика разумните политичари да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.
Претходно, Меџити во објава на социјалните мрежи пред три дена истакна дека војната на УЧК во Косово, Прешево и Македонија била праведна, разумна и чиста. Тој ова го посочи изразувајќи поддршка на протест што се одржа во Приштина организиран од Здружението на воени ветерани на паравоената ОВК.
„Мојот став беше и останува принципиелен и непоколеблив: Војната на УЧК во Косово, Прешево како и во Македонија е фер, разумна и чиста. Ова беше војна за државност, за рамноправност и за заштита на албанскиот идентитет на земјите од поранешна Југославија. Светот ги призна и ги казни агресорите и сторителите на злосторствата против Албанците. Секоја тенденција денес да се изедначи сторителот со жртвата е неприфатлива, без разлика дали според нормите на меѓународното право или според принципите на обичајното право“, напиша тој.