„Зелен хуман град“ бара Пендаровски да не ги потпишува измените на Изборниот законик

by fokus

Со воведувањето минимален праг од 2 отсто од запишаните избирачи за независните листи да добијат право да се кандидираат на претстојните локални избори, големите партии воведуваат диктатура на партизмот и брутална окупација на политичкиот простор која е карактеристична само за режимски земји, а не за демократии. Ова е ставот на граѓанска иницијатива Зелен хуман град која му испрати отворено писмо на претседателот Стево Пендаровски со кое бараат да не стави потпис на најавените, како што велат, противуставни измени на Изборниот законик.

-Измените целосно ги исклучуваат граѓаните и спротивно на Уставот и законите ги попречуваат да се кандидираат за јавни функции. Прагот од 2% за Град Скопје би значел обезбедување на 10.000 потписи наместо досегашните 1.000 исклучиво во подрачни канцеларии на ДИК, во работно време и во ек на летни одмори, велат од Зелен хуман град.

Од граѓанската иницијатива сметаат дека освен на Уставот и домашните закони, предложените измени се спротивни и на добрите меѓународни практики, поконкретно на препораките од Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР.

-Најпрво, ако доследно се следат препораките во Извештајот на ОБСЕ од 2017г. е наведено дека ‘потписите за поддршка не треба да надминат еден процент од регистрираните гласачи’ зашто тоа е спротивно на добрата практика. Се наведува и дека ‘треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики. Покрај ова, како што е претходно препорачано, треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи со цел да се намали потенцијалот за заплашување, истакнуваат во писмото.

Нагласуваат дека членот 62 од Изборниот законик не е ниеднаш менуван од денот на влегување во силана на овој закон во 2006 г., односно 15 години.

-Од вас бараме да не дозволите газење на демократијата, да не дозволите дискриминација на граѓанитеи, да не дозволите компромитирано политичко малцинство (партиите се гласани од 30-40% од вкупниот број на избирачи) да одлучува за независни граѓански кандидати, му пишаа на Пендаровски.

Поврзани новости