Во изминатиот период група на волонтери заедно со вработени во ЈП Комуналец од Кавадарци, вредно работат на чистење и хортикултурно уредување на спомен паркот 12 Ваташки младинци во Моклиште, Кавадарци.
Волонтерите се дел од проектот на општината ,,За чисто и убаво Кавадарци’’ и веќе се исчистени терените на кои ќе се посее трева. Покрај тоа, оспособена е подземната водоводна мрежа, искосена е тревата, расчистени се сувите гранки и отпадоците. На 16 – јуни во спомен паркот ќе се одржи јубилеј, 75 години од стрелањето на Ваташките младинци. Младите патриоти биле застрелани од окупаторот во 1943 година. Се очекуваат голем број на посетители, како и одржување на традиционалниот мото собир во организација на клубот ,,Тиквеш рајдерс’’.Спомен паркот со децении наназад е познато излетничко место, каде граѓаните се релаксираат во топлите денови.
Пред три години јавноста беше згрозена од вандалскиот чин, кога беше украден рељефниот бакарен споменик, подигнат во чест на стреланите младинци, тежок околу 50 килограми. Првин се започнало со крадење дел по дел, за да на крај биде украден и целиот споменик. Она што е посебно забележително е тоа што во близина на споменикот кој ги претставуваше испреплетените тела на загинатите младинци, има изникнато јаворово дрво со дванаесет стебла споени во едно.
Вики Клинчарова