Текстот е објавен на 29 март 2013 во неделникот „Фокус“.
Пишувал
Ерол РИЗАОВ
Замина премлад во легендите Никола Младенов еден од најимпресивните и најинтересни магови на современото македонско новинарство. Загина трагично во сообраќајна несреќа како што јавија медиумите.
Никола многупати самиот бил возбудлива вест, но судбината направи да биде жална вест која не шокираше сите што го знаеме добро, но и тие што не го знаеа лично, а кои се него ги споделуваа неговите мисли секој ден со извонредно препознатливиот ракопис на Никола Младенов во неговите весници дневен и неделен Фокус.
Лошата вест ме затече на мојата работна маса заринкан во моето ќоше. Со неверица го завртев неговиот телефон. По долгото sвонење, вчерашниот текст, уште незвршен ми стана премногу бајат. Бриши. Никола е пак прва вест, овојпат трагична стари друже како што знаевме да си персираме на шега.
Го познавам Никола уште пред повеќе од две децении кога во „Млад Борец“ заедно со уште неколку одлични новинари и уредници ги урна табуата во македонската политика и новинарство. Во лет го грабна новото време исклучително интелегентниот и талентиран млад уредник и преку повеќе новинарски форми му обезбеди на „Млад Борец“ историска улога.
Тогаш го споредував Млад Борец со словенечката Младина. Никола Младенов беше еден од предвесниците на големите и тектонски политички промени во Македонија.
Секогаш на страната на послабите, немоќните,секогаш против злоупотребите на власта и моќта остави зад себе длабоки бразди во македонскиот журнализам од крајот на 20 век и првите декади на 21 век и на транзицијата .Како оснивач на неделникот и дневниот весник Фокус Никола Младенов водеше една од најтешките битки во новинарството која е речиси невозможно да се добие во Македонија.
А, тоа беше да имаш свој весник, да бидеш секогаш критички настроен кон власта и кон центрите на моќ и пари и притоа да преживееш, а весниците да излегуваат редовно. Ова е многу потешко отколку да го наостриш перцето и да пишуваш чесно и професионално.
Последен пат кога седевме заедно ми кажа дека влегува во една исклучително тешка фаза, рече најтешка, откако е во новинарството. Ако ова го пребродам ќе биде голема работа ми рече Никола.
Првпат кај него забележав мала нијанса на неизвесност и загриженост. Брзо ја покри со шега јанsата што го јадеше. Не однесе нас неколкумина колеги во кафеана каде може слободно да се пуши, негде накај Сарај, како што рече, тука не важат законите на централната власт, пушете слободно. Беше тоа по некоја заедничка емисија, чинам кај Чом.
Да седиш на иста маса со Никола Младенов прво тоа значеше дека ќе има многу смеење, многу дух, многу мекамлиски и пред се интересен муабет. Никола беше исклучителен собеседник со невидена смисла за хумор, но истовремено одличен наратор и предвидувач на настаните на македонската и светската политичка и економска сцена.
Многу пати бевме и на различни и на иста страна во тв дебатите и во нашите текстови. Но, секогаш една страна беше резервирана. Тоа беше страната на новинарството. Тука немаше дилеми. Во една од првите големи дебати на транзициското новинарство кај Оливера Трајковска во еден миг му се обратив со Николче.
Беше навреден и ми одврати со Еролче што мене ми беше многу симпатично, оти никако не можев со мојот габарит да се видам во деминутив. Но, никогаш повеќе не му се обратив со Николче. На нашите средби го викав Николетина, на што секогаш се смеевме со малку носталгија на времињата кога во Македонија имаше дебата и новинарство.
Е, па стари друже почивај во мир. Живееше двеста на саат. Твојот километражник покажува три животи на нас простосмртните. Твоите најблиски прерано те изгубија, но има со што да се гордеат. Ние од еснафот ќе предеме легенди за тебе и за за едни убави времиња и ќе раскажуваме како беше тоа да се прави новинарство.
Синоќа доцна во ноќта видов од мојот балкон една sвезда како пролета по небото. Сабајле разбрав дека тоа е твојата sвезда.
Збогум Николетина, стари друже.