Градењето нови сместувачки капацитети во КПД „Идризово“ е една од мерките што Владата и Министерството за правда ги презема за подобрување на условите за извршување на санкциите во Република Македонија, истакна денеска министерката за правда Рената Тренеска Дескоска на отворањето на новите објекти од отворено и полуотворено одделение во најголемиот затвор во нашата земја, со капацитет од 546 лица.
Министерката посочи дека инвестирањето во инфраструктурата на затворите не е единствен аспект на подобрување на условите во самите затвори. Истакна дека во Идризово се сместени повеќе од три петтини од затворениците во земјата, а неговата пренатрупаност води кон несоодветни услови и отежнато одржување на редот и безбедноста во затворот.
– Инвестициите во просторот се следени и со инвестиции во човечкиот капитал, односно градење човечки капацитети, преку обуки на вработените, напори за подобрување на здравствената заштита, потоа градење на мобилни судници, но и реформи што значат развивање алтернативи за кратките затворски казни, ревизија на Кривичниот закон и праксата на определување на притвор и изрекување казни, истакна Дескоска.
Нагласи дека во подобрувањето на условите во затворите партнери на Министерството се и ќе бидат невладините организации и домашните и меѓународни институции.
Министерката Дескоска најави дека наскоро во процедура ќе биде пуштен и Законот за извршување санкции и посочи дека при програмирањето на користењето на европските фондови значајно внимание ќе биде посветено на понатомошното подобрување на условите и во другите затвори во Македонија.
– Со отворање на новите капацитети во „Идризово“ посакувам негативните оценки за состојбата во затворите, како оние изречени од Советот на Европа од 2016 година и во извештаите на Народниот правобранител во сферата за заштита на човековите права, да станат минато, истакна Дескоска и додаде дека посакува еден ден овие капацитети, што денеска се отвораат, да бидат празни или барем полупразни, како резултат на намалување на стапката на криминал во нашата држава.
Министерката рече дека во новите објекти, односно во отвореното одделение има капацитет за сместување на 294 осудени лица на површина од 3.800 метри квадратни, додека во полуотвореното кое е со површина од 4.000 метри квадрати може да се сместат 252 осудени лица. Ќелиите за сместување се за четири лица и имаат бања. Во новите простории има работилници, фитнес сали, ќелии за лица со посебни потреби, шеталишта и игралишта.
Директорот на управата за санкции Јовица Стојановиќ одговарајќи на новинарски прашања појасни дека со грант на европската комисија судницата ќе биде префрлена од затворот „Скопје“ во затворот Идризово поради поголемиот број осудени лица кои се наоѓаат во најголемиот затвор во Македонија. Со истиот грант, додаде тој, завршена е постапката за комплетна реконструкција во затворот во Битола во кој во мај-јуни беше затворен притворскиот дел што не ги исполнува условите. Најави и воведување на пробацијата во сите затвори во Македонија, проект што треба да почне од 3 септември.