Општина Центар и Министерството за внатрешни работи вечерва најавија засилено присуство на територијата на општината по пријавите од граѓани за присуство на педофил, но и за девијанти однесувања од малолетници.
Најавата на превентивните полициски мерки ги најавија градоначалникот на општината, Горан Герасимовски и портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Како што рече Герасимовски контролите ќе бидат во регионот на Дебар Маало, а цел ќе биде превенцијата од насилство и деликвенција кои, како што рече, често се случуваат во ноќните часови.
-Во следниот период ќе има засилени полициски контроли и присуство на полиција во регионот на Дебар Маало со цел превенција на насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови. Во оваа прилика сакам да апелирам и до граѓаните што поактивно да пријавуваат и алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР од каде навремено ќе реагираат. До општината често стигнуваат поплаки како и до мене како градоначалник, но вистинската адреса за брза реакција е МВР, а ние секогаш до нив итно ги препраќаме информациите кои ги добиваме од граѓаните – изјави Герасимовски.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски посочи дека Министерството работи на мерки и активности за зголемување на безбедноста на граѓаните и дека активностите што ги преземаат даваат резултати.
-Вечерва ја покажуваме соработката меѓу министерството и локалната самоуправа и целта е заеднички да придонесеме за уште поголема безбедност во Општина Центар. Договорено е засилено полициско присуство по неколкуте инциденти во општината но апелираме и до граѓаните доколку има било какво нарушување на јавниот ред и мир, доколку има било каква потреба слободно јавете се во полицијата и веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки затоа што безбедноста на граѓаните е императив на општината – рече тој.