Пишува: х. Сулејман еф. Реџепи
„Дваесет и пет години изминаа од замената на диктатурата на пролетеријатот со диктатурата на демократијата, диктатурите само си ги заменија местата и фигурите што треба да се величаат, митовите си ја сменија формата, но митови останаа. Дваесет и пет години бош муабети, ломотење, ти реков-ми рече.
Ако демократијата подразбира само апсолутна слобода да се пцуеме и навредуваме меѓусебно, да ги трескаме од земја нашите политички противници, јас барам да ми се врати комунизмот. Барам да ми се врати задоволството на „заговорничките“ муабети во семејството, меѓу другарите, во чајџилница.
Сакам да ми се вратат табу-темите за да ги рушам со моите пријатели, ја сакам книгата на Фишта скриена меѓу страниците на „Рилиндија“ за да не ја фати урок, сакам да го фалам Тито дење, а ноќе да го правам парче. Сето тоа, како и други „берекети“ на комунизмот сакам да ми се вратат веднаш…“
Сето тоа ми го зборуваше пред некој ден еден дисидент, еден човек што толку многу му се радуваше на паѓањето на комунизмот во бивша Југославија. Ете го денес, свиткан, со многу брчки, побелен, разочаран, жив, ама мртов. „Реис ефендија, душата ми се освежува само во џамија“, ми рече кога се разделивме. Зборовите што ми ги кажа, како да ми ги остави во залог. Уште долго размислував за попишманетиот дисидент.
ЗАДУШУВАЊЕТО НА СЛОБОДАТА ВО ИМЕ НА СЛОБОДАТА
Ако демократијата подразбира газење по човечката гордост, целосно дистанцирање на политичките елити од народот, кражба, корупција и збогатување на измамниците на сметка на другите, чуму ни е демократијата? Ако не се лажам, така функционираат некои други системи.
– Ако ние постојано градиме митови за потоа да ги рушиме како никогаш да не постоеле, а нашите животи меѓу создавањето и рушењето на митот го исполнуваме плукајќи на митот, каква е таа демократија ? Всушност, се работи за задушување на слободата во нејзино име. Слободата не ги бендисува митовите, таа преферира луѓе што изнаоѓаат нови патишта.
– Ако политичкиот јазик што го слушаме ги опфаќа во себе јазикот на јуришот, јазикот на анатемизирањето, јазикот на „светлите традиции“ и јазикот на навредите, тогаш за која идеологија разговараме ние?Тие четири модели на политички говор ги дефинираат правилата на тоталитарните идеологии, вистинската демократија нема врска со таква турли-тава.
Како и да е, мојот пријател дисидент ме натера да го истражам зоштото на неговата резигнираност. На неговата разочараност, во една ноќ без сон, ги додадов моите горенаведени дилеми. Но, кој може да ги осознае сите дилеми на еден цел народ, неговата болка и тага, неговото жртвување. Може само Алах, но ние не сме Тој, ние само можеме да се обидеме да ги детектираме неправилностите и да помогнеме тие да се исправат. Дали ќе ги исправиме или ќе ги искривиме уште повеќе работите, останува прашање на личен избор и определба.
За жал, нашиот избор и определба многу често се погрешни. Посебно ако по долго време сме биле подложени на правила што ги поставиле разни власти што си правеле ќеф со нашите маки.
Таквата власт, чудно ама вистинито, прави каша попара од здравите размислувања и определби на народот за тие на крајот да се деформираат и да добијат сосема друго значење и ориентација. Еден народ што во подолг период е изложен на такви деформации, на крајот се претвора во аморфна маса, која не знае да направи разлика меѓу доброто и злото.
ДОБРО УТРО, АИРЛИЈА РАБОТА
И бидејќи животот го сочинуваат малите нешта, случајни средби и муабети со обични луѓе, ете уште еден фрагмент, овојпат од еден разговор со едно младо момче, едно од тие момчиња што се намерачиле да ја шарам-барамизираат Македонија, бидејќи, велат тие, животот е многубоен, гробиштата се сиви.
„Хоџа, веќе со години никој не ми рекол добро утро, ниту, пак, ми посакал аирлија работа.Јас спијам до попладне и нема смисла некој да ми каже – добро утро. Кога се будам, сите работи се завршени, луѓето се вратени од работа, јас само се врткам, па зошто би ми рекол некој – аирлија работа? Со факултетската диплома што ја поседувам можам да се сликам, татко ми нема пари, низ партииве немам никакви врски. Извини хоџа, сега морам да одам, ме чекаат коњите и лавовите, да ги нашминкам малку…“
Си отиде момчето што го гледа светот шарен, а во мојата душа остави грутка, болка за нашиве млади, било да се Албанци и муслимани, било да се други. „Маките немаат вера, ниту нација, кога ќе надојдат, бришат сѐ пред себе, топтан“, си помислив.
Момчето не ми пружи шанса да му кажам два-три збора, да му го кажам тоа што мене никој не ми го кажуваше кога бев во негови години. Сакав да му кажам дека незадоволството е карактеристично за младите луѓе и дека би било многу чудно ако младите се задоволуваат со трошките што им ги фрлаат како милостина.Сакав да му кажам на момчето дека тој не е единствениот на кого не му кажуваат „аирлија работа“, има многу такви во Македонија, има многу такви што не можат да си ги дозволат ниту најелементарните работи што му се потребни на еден млад човек.
Уште нешто сакав да му кажам на момчето, ама тој, нели, отиде по коњите и лавовите. Сакав да му укажам дека можноста да се изгради еден друг свет, поубав и поправеден, секогаш постои. Затоа, потруди се момче, барај го тоа што ти следува, земи го тоа што ти е од Бога дадено, а луѓето ти го одзеле. Не е доволно само да констатираш дека државата и општеството не се праведни кон тебе, ќе бидат многу поправедни кога ќе го слушнат твојот глас
Се разбира, овој текст нема врска ниту со „Шарената револуција“, ниту со нејзиното десно крило што се најавува како „Црна револуција“ бидејќи наместо бои ќе се преориентирала на катран. Не, овој текст е само извадок, само фрагмент од нашиот секојдневен живот.