Зар не остана во вас ни трошка пристојност?

by Фокус

Американските интереси не покажуваат дека за Украина вреди да се оди во нуклеарна војна. Исправени во ароганцијата на својата моќ, двете големи сили можат да го уништат светот. Освен ако, да употребам еден омразен израз од Македонија, не смогнат сила „да свиткаат кичма “ и, преку дипломатија, да дојдат до прифатлив компромис

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Ја почитувам Америка поради слободната мисла, говор и нејзината толеранција кон спротивни мислења од оние на официјалната политика. Дури и во „воени времиња“, кога, во други држави, секаква опозиција на воените напори на земјата би биле прогласени за чин на предавство, истакнати американски интелектуалци се спротивставуваат на војната во Украина без да бидат прогласени за предавници.

Вистина, тоа го прават во отежнати услови. Ова не е веќе оној „Њујорк тајмс“, кој разоткриваше грешки на официјалната политика, вели Џефри Сакс, професор на Колумбија универзитетот, кој доживеал да не му биде објавен текст против војната во Украина.

Но, заклучува тој, за среќа има други медиуми отворени за проток на слободната мисла. Сакс, заедно со Џон Мершајмер од универзитетот во Чикаго и Стивен Волт од универзитетот Харвард, се едногласни во осудата на американската официјална политика кон Русија и сметаат дека војната е, примарно, американска грешка.

Не дека го сакаат режимот на Путин или не ја сакаат демократијата во својата земја и во светот, туку затоа што сметаат дека невнимателната американска политика кон Русија е причината зошто сега сме на работ на нуклеарна конфронтација.

Во што се состои таа невнимателност? Накратко: во ароганцијата на американската моќ, која, во промоција на либералните вредности на западната демократија, заборава на универзалните правила на меѓународната политика, чие второ име е политика на сила.

НЕМА ДОБРИ МОМЦИ

Заборавете на идеологијата, на демократија и автократија, порачува Мершајмер. Како да сака да каже, заборавете дека ние сме добрите момци, а Путин и оние околу него се лошите. Гледајте на големите сили како на црни кутии. Секоја од нив е во борба за доминација во светскиот поредок на држави.

Во реалистичката традиција на славниот историчар од антиката, Тукидид, тројцата американски интелектуалци заклучуваат дека доколку една од големите сили се почувствува загрозена, ќе ги погази сите правни и морални норми на поведение за да се заштити.

Исто онака како што Америка ја има Монроовата доктрина, која не дозволува друга голема сила да ја прошири својата моќ во западната хемисфера и е подготвена воено да интервенира за да ја сочува својата сфера на влијание, вели Мершајмер, сега тоа го прави Русија во однос на Украина.

Оттаму, доколку се сакало да се избегне оваа војна, Западот требало сериозно да ги сфати предупредувањата на Русија. Домашните критичари сметаат дека во почетокот односите меѓу Америка и Русија не биле лоши.

Во 1990-тите, НАТО формирал заеднички постојан совет со Русија, во кој на Русија ѝ било дадено еден вид вето. Да се „ангажира“ довчерашниот непријател, а не да се понижи, била логиката за формирање на ова консултативно тело во времето на Јелцин и Клинтон.

Тогашните американски политичари ја имале предвид лекцијата од Германија по Првата светска војна, кога нејзиното понижување создало услови да се појави Хитлер.

Имено, со Парискиот мировен договор, западните сојузници ја понижиле Германија на два начина: морално, префрлајќи ја врз неа сета вина за војната, и материјално, наметнувајќи ѝ екстремни репарации со кои ја уништиле нејзината економија.

Од тоа понижување и економска катастрофа се родила морална, економска криза, како и „спасителот на нацијата“, Хитлер, и неговата национал-социјалистичка партија.

Оттаму првичната внимателност кон Русија и обидот таа да добие партнерска позиција во НАТО. Вистина, не било испочитувано ветувањето дека НАТО нема да „мрдне ни еден инч“ кон руските граници, но новите декласифицирани документи покажуваат дека и Јелцин изјавил оти не е против проширување, кое би било постепено.

Политичари, како Клинтон, пак, искрено верувале дека и Русија ќе стане демократија и ќе се интегрира во светската, поточно американската либерална структура од крајот на Втората светска војна, па дури и дека ќе стане членка на НАТО.

Во определени периоди, тоа била заемна желба на двете нуклеарни сили. Но, Русија не се трансформира во демократија, туку останува на своите автократски традиции. Набргу, самиот демократски либерален модел проектиран во Украина го доживува како закана за својот авторитарен режим.

КОМУ МУ Е ГАЈЛЕ?

Критичарите на американската надворешна политика заклучуваат дека американските неоконзервативци ја прават основната грешка, кога на ова реагираат со „кому му е гајле што мисли Русија“.

Заклучуваат дека Америка е толку силна што не треба да води сметка за тоа што вели Русија, таа „нуклеарна Гватемала“, со БНД колку една Белгија тогаш, а денес колку една Шпанија.

Во такви услови, Путин, по бројни укажувања, вклучувајќи го и познатиот говор во Минхен од 2007 година, дека продорот на НАТО во Украина е исто како да му дозволиш на непријателот да седне на твојот куќен праг, го анектира Крим.

Но, кога минатата година, со закана со употреба на нуклеарно оружје тргна да ја уништува Украина, светот беше шокиран. „Лудакот од Москва“ беше насловот на еден мој тогашен текст, но заканата на Путин остана до ден денешен: ќе го уништам човештвото ако продолжите да се доближувате до нашата граница. Блеф? Не би сакал да дознаам.

Американските интереси не покажуваат дека за Украина вреди да се оди во нуклеарна војна. Исправени во ароганцијата на својата моќ, двете големи сили можат да го уништат светот. Освен ако, да употребам еден омразен израз од Македонија, не смогнат сила „да свиткаат кичма“ и, преку дипломатија, да дојдат до прифатлив компромис.

Но, и во вакви воени околности, дебатата во Америка продолжува додека во Русија секое спротивставување на војната се прогласува за предавство, за кое следи затвор.

Сме имале и ние една епизода во нашата историја, кога интелектуалци и уметници биле означувани за предавници и судени, ми вели на една вечера на универзитетот во Принстон, сопругата на еден од браќата Банди, од кругот на најблиските соработници на претседателот на САД, Џон Кенеди.

Можам да посведочам, вели таа: беа тоа страшни времиња на хајка против комунистите и нивни, најчесто измислени, симпатизери. Шиканирањето продолжи до моментот кога еден доблесен сенатор јавно не му се обрати на својот колега Џозеф Макарти, иницијаторот на хајките и обвинувањата за предавство, со зборовите: Зар не остана во вас ни трошка пристојност? Тие зборови го свртеа јавното мислење и земјата се врати на демократскиот пат.

Денес, следејќи ја американската дебата за руската агресија врз Украина, не сретнав ниту едно обвинување за предавство насочено кон Сакс, Мершајмер, Волт или кој било друг американски интелектуалец.

Со огромно жалење констатирам дека она што беше епизода во политичкиот живот на Америка, е состојба во Македонија, еве веќе триесет години. Политичари и интелектуалци секојдневно ги злоупотребуваат зборовите „предавство“ и „предавници“ за оние што мислат поинаку. И нема што да ги прашуваме – јасно е. Тоа се луѓе во кои не останало ни трошка пристојност.

Поврзани новости